Никола Маџиров ја доби наградата: Европски поет за 2016 година

Сподели

Церемонијата, на која македонскиот поет Никола Маџиров ја доби наградата Европски поет за 2016 година, се одржа синоќа на „Кингс колеџ“ во Кембриџ

nikola madzirov

Признанието Европски поет за 2016 година за придонес во современата европска поезија, во вид на рачно изработена скулптура „Сребрен лист“, на Никола Маџиров му го врачи долгогодишниот професор на „Кингс колеџ“, Ален Мекферлејн. Награда за животно дело и придонес во светската современа поезија му беше доделена на неколкукратниот кандидат за Нобелова награда за литература и венцоносец на Струшките вечери на поезијата, Беи Дао од Кина.

Никола Маџиров пред присутните гости читаше стихови на македонски и англиски јазик во превод на Пеги и Греам Рид, а наградата ја посвети на загинатите од поплавата во Македонија.

Пред присутните тој изјави: „Листот од врбите долж реката Кем е еден од симболите на Кембриџ. Листот е јазик на кревкоста, а кревкоста е единственото оружје на поетите. Оваа награда ја посветувам на загинатите во поплавата во Македонија. Велат водата има долго паметење, овој пат ние сме тие што треба да паметат. Суровоста на стварноста е во сознанието дека она што го имаме во најголемо количество во нашите дела – водата, може така лесно да нѐ убие“, изјави Маџиров.

Никола Маџиров ќе го донира износот од фестивалската награда за настраданите во водената трагедија со поплавите во Македонија.