Нимиц: Предлог решението за името ќе го вклучува терминот Македонија

Сподели

“Предлог решението за името ќе го вклучува терминот Македонија“, изјави медијаторот на Обединетите нации, Метју Нимиц пред денешната нова рунда разговори во Њујорк со претставниците на Македонија и на Грција, Васко Наумовски и Адамантиос Василакис.

– Терминот „Македонија“ ќе биде содржан во предлог решението за името бидејќи веќе го имаат признаено повеќе од 100 земји во светот – изјави Нимиц за грчката „ТВ Антена“. Посочи дека името со кое земјата е заведена во ОН е „поранешна југословенска република Македонија“, односно терминот Македонија е дел од името, а и Грција ја има признаено со тоа име.

Нимиц истакна дека нема волшебно решение за името, дека спорот трае предолго и оти натамошното одолговлекување би го направило проблемот уште потежок за решавање.

Тој наведе дека во Скопје доминира мислењето дека некои од идеите во минатото не биле задоволителни за нив, но оти е дојдено времето ова прашање да се реши и земјата да продолжи по својот евроатлански пат.

Медијаторот на ОН оценува дека постои позитивно расположение и во Атина и во Скопје кон подобрување на односите и засилување на европските димензии на регионот.

– Имам некои идеи кои двете страни треба да ги разгледаат. Сакам да помогнам со доближување на разликите во ставовите. Знаеме дека решението на овој тежок спор помеѓу два соседи бара доза на компромис кај двете страни, и верувам дека тоа ќе биде постигнато во согласност со дигнитетот и националните интереси на двете страни – додава Нимиц.

Тој денеска во Њујорк по средбите со делегациите на двете земји ќе одржи прес-конференција, во 12.30 часот локално време.