Нивото на загадување на амбиенталниот воздух, и покрај ветерот и снегот деновиве, повторно достигнува висока концентрација која многукратно ја надминува дозволената гранична вредност. Ниската температура придонесува за зголемено користење на огревен материјал и за почесто користење на автомобилите, кои се едни од најчестите предизвикувачи на загадување на воздухот.
Утринава мерната станица во Карпош покажуваше многу висока концентрација на ПМ10-честичките, односно измери 421 микрограм честички на еден кубен метар, што е за 8,5 пати поголема вредност од дозволените 50 микрограми.
Многу висока концентрација беше измерена и на другите мерни единици во Скопскиот Регион. Во Центар, мерната станица покажува 340 микрограми на еден кубен метар, во Лисиче – 251, во Гази Баба – 321, а на мерната станица кај Ректорат измерени се 318 микрограми ПМ10-честички на еден кубен метар.
Освен во Скопскиот Регион, присуството на ПМ10-честичките е значително зголемено и во другиот дел од Македонија. Во Битола, едната мерна станица утринава покажува дека 164 микрограми, а другата – 386 микрограми честички на еден кубен метар, што е речиси осум пати над дозволената граница. Во Тетово утринава беа измерени 213 микрограми, во Кочани – 275, во Кавадарци – 287, а во Куманово 382 микрограми ПМ10-честички на еден кубен метар.