Нов објект за крим-техника со современа форензичка лабораторија на МВР

Сподели

 

„Во низата суштествени, реформски и програмски зафати во рамки на Министерството за внатрешни работи што ги подготвувавме и реализиравме изминативе години, бездруго важно место заземаат и напорите за квалитативно унапредување на сегментот на крим-техничкото, форензичко работење. Тоа денеска го официјализираме и со најавата за отпочнување на градежните работи за изградба на новиот објект за криминалистичко–технички испитувања, со современа форензичка лабораторија на МВР, што ќе се реализира во текот на наредната 2020 година“, истакна министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на настанот по повод стартот на изградбата на нов објект наменет за Одделот за криминалистичко –технички испитувања и вештачења на МВР.

 

 

„Станува збор за објект што ќе биде опремен согласно сите најнови европски полициски стандарди во доменот на крим-техниката, односно форензиката. Или, попластично  кажано, објект што реално претставува есенција во полициско-истражителското дејствување, така што со право очекуваме, во голема мерка да се подигнат на уште повисоко ниво не само професионалните стандарди, туку и конкретните ефекти на овој дел од оперативното полициско работење“, рече Спасовски.

Тој појасни дека во рамки на ИПА програмите за 2013 и 2014 година, во изминативе три години се реализирани проекти во делот за набавка на опрема за институциите од областа на правда и внатрешни работи, како и во делот на натамошно јакнење на капацитетите за истраги на место на настан, со што се овозможи квантитативно и квалитативно унапредување во овој домен, а круна на целиот тој пат е изградбата на новата форензичка лабораторија – проект за чија што реализација во рамки на ИПА програмата за 2016 година се издвоени потребните над три милиони евра.

За претседателот на Владата Зоран Заев, со овој проект се отвора нова страница во историјата на службата за криминалистичка техника во нашата држава.

 

 

„Со изградбата на овој објект конечно се унапредуваат условите за работа на крим-техничките работници во нови лабораториски и канцелариски простории. Го фаќаме чекорот со современите постапки во оваа сфера и нивна хармонизација со најдобрите европски практики и стандарди. Уверен сум дека оваа инвестиција ќе даде голем придонес во правосудниот систем во нашата држава, бидејќи услугите кои ги нудат форензичките лаборатории се клучни во сите постапки на судовите и обвинителствата. Придобивки од условите кои ќе ги нуди новиот објект ќе имаат и граѓаните, како крајни корисници на услугите. Модерната форензика ќе биде од придонес за поголема ефикасност и ефективност на судските постапки со навремено, квалитетно и стручно спроведување на потребните анализи и вештачења“, нагласи премиерот Заев, изразувајќи задоволство од реализацијата на нови инвестиции во државата и уверување дека Владата и институциите остануваат партнер во унапредување на условите за работа и нивно усогласување со европските и меѓународните стандарди.