Советот за безбедност на Обединетите нации за денес закажа итна седница за Северна Кореја, откако земјата во неделата изведе нова нуклеарна проба којашто е остро осудена од меѓународната заедница, пренесува Anadolu Agency (AA).
Ова е втора седница на СБОН за Северна Кореја за помалку од 7 дена. Советот се состана пред 5 дена, за да го осуди лансирањето на проектилот над територијата на Јапонија, и ги повтори барањата Северна Кореја да ја запре својата нуклеарна програма.
СБОН минатиот месец воведе досега најостри санкции против Северна Кореја, изрекувајќи забрана за оваа земја за извоз на јаглен, железо, олово и морски плодови.
На денешниот состанок ќе бидат разгледани идните чекори.
Официјален Пјонгјанг соопшти дека вчера ја извел шестата нуклеарна проба, со успешно тестирање на хидрогенска бомба којашто би можела да биде боева глава на интерконтиненталните балистички проектили.
Севернокорејскиот потег остро беше осуден од голем број земји и меѓународни органзиации, вклучувајќи ги Велика Британија, Турција, Франција, Кина, Европската Унија и НАТО.