„Нова Македонија“ распишува конкурс за краток расказ. Целта е да се поттикне продукцијата на краткиот расказ како форма што е многу популарна, современа и широко прифатена од читателската публика и која има длабоки корени во македонската раскажувачка традиција.
Пропозиции:
– расказите да не бидат подолги од 100 реда
(три страници со новинарски проред или најмногу до 7.000 карактери)
– да бидат напишани на македонски јазик
– да не биле досега објавувани
– да имаат наративна форма
Темата е слободна. Право на учество имаат сите автори. Ракописите под шифра треба да се испратат на електронската адреса konkurs@novamakedonija.com.mk (со назнака: За конкурсот за краток расказ) и најдоцна до 30 септември.
Резултатите од конкурсот ќе бидат објавени на 15 октомври, а наградите на добитниците ќе им бидат врачени на 29 октомври – денот на излегувањето на „Нова Македонија“.
Жирито ќе додели три парични награди, а предвидени се и три откупни награди.
Редакцијата го задржува правото за објавување на наградените и откупените раскази во весникот.
„Нова Македонија“ првпат го објави конкурсот за краток расказ во 1960 година.