Нови дела “Драми за Скопје 1 и 2” од Томислав Османли

Сподели

Драми за Скопје 1 и 2 од Томислав Османли се две книги, драми за Скопје од авторот Томислав Османли кои излегоа деновиве во книгоиздателство „ВиГ Зеница“.

Станува збор за двотомна објава во која се поместени пиеси, монодрами и сценски прикази со Скопје како хронотоп во овој дел од драмски текстови од Османли. Првата книга ги донесува трите целовечерни пиеси: „Светулки во ноќта“, „Техно ѕвезда“ и „Пат за Парамарибо“, проследени со информации за нивните изведби и со предговорите на авторот напишани за театарските програми. Во втората книга се посметени монодрамите „Облачна исповед“ и „Дирекција за внатрешна контрола“ (единствен неизведен текст од двотомната објава), како и сценските повести „Мементо за еден град“ и „Пруга за ледната пролет“.

Авторот Томислав Османли, се јавува делумно со носталгии во историските чувствувања на Скопје, но и со тревожен драматски лиризам. Во своите театарски текстови тој критички говори за времињата на новите искушенија на Градот низ судбините и психолошките прекршувања на неговите обични, мали луѓе. Така, два од неговите драмски текста се непосредни реплики на југословенската војна која во 1999 се случуваше во соседството („Техно ѕвезда“, изведена 2000 година), и на судирот од 2001 година кај нас, и светскиот судир започнат со терористичките акти врз Америка (во пиесата „Пат за Парамарибо“, изведена 2002-та). Првиот текст открива галерии на обични луѓе од нашава, донекаде се’ уште задржана традиционална средина, а вториот – анонимни, но и редица познати ликови од светската историска сцена на минатото и на современоста во големите предизвици на епохата што ја живееме.

-„Драмите за Скопје“ се имагинативно бродење низ историјата, и сценски погледи врз нејзините хировити игри што се случуваат на еден простор, колку во Скопје, уште повеќе во драмата на обичниот човек збиен во големата, драматична мелница на историјата. И не само на минато, туку и на сегашноста неизвесно отворена кон предизиците на новиов век – вели издавачот и писател Глигор Стојковски кон најновата објава на неговото книгоиздателство „ВиГ Зеница“.

Досегашните режии на драмките текстови поместени во двотомникот „Драми за Скопје“ ги потпишаа Виолета Џолева, Деан Дамјановски, Димитрие Османли и Нела Витошевиќ. Театарските претстави и драмските текстови на Османли се со позитивни рецензии од театарската критика.