Новиот амбасадор на ЕУ, Дејвид Гер ги предаде акредитивните писма на претседателот Пендаровски

Сподели

 

Претседателот Стево Пендаровски, денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Европската Унија во Република Северна Македонија, Дејвид Гер.

 

 

“Доаѓате во исклучително значаен момент за нашата земја бидејќи по потпишувањето на Преспанскиот договор со Грција и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија, завртевме нов лист во својот развој и одлучивме да го надополниме загубеното време во исполнување на своите клучни цели. Северна Македонија исполни еден од своите стратешки приоритети, со зачленувањето во НАТО и во март доби зелено светло од Европскиот совет за почеток на преговорите за пристапување во Европската Унија.

Сега, во периодот пред нас, на ред е одлуката за почеток на преговорите да се материјализира во што поскоро усвојување на Преговарачката рамка од страна на Советот на ЕУ и да се закаже првата Меѓувладина конференција помеѓу Европската Унија и Северна Македонија која ќе го означи конкретниот почеток на преговорите” – изјави претседателот Стево Пендаровски.

“Ја преземам оваа функција во невообичаени околности. Доволно невообичаени во кои дури и традиционалното ракување е исклучено што вообичаено би ја крунисало оваа пригода. Доволно сериозни за да влијаат на нашето заедничко чувство на безбедност и да ја нарушат нашата слобода на движење. Но и доволно одлучувачки за да нè натераат да научиме вредни лекции за во иднина. За тоа како од состојба на ранливост да преминеме во состојба на обновена виталност.

Горд сум што стојам пред вас и ја застапувам ЕУ и нејзините вредности. Вредноста на мирот што ни овозможи да се обединиме и да напредуваме. Вредноста на солидарноста што ќе нè извлече од оваа пандемија. Вредноста на човечкото достоинство што нè обединува сите во различноста која можеме да ја славиме.”- изјави амбасадор и шеф на Делегацијата на ЕУ во Скопје, Дејвид Гер.