Новиот истанбулски аеродром во функција од 6 април

Сподели

Преселбата на најважната опрема од сегашниот меѓународен аеродром „Ататурк“ во новиот, меѓународниот аеродром „Истанбул“ ќе се случи на 5 и 6 април, по што новиот гигантски аеродром во Истанбул ќе влезе целосно во функција, јави турската државна телевизија ТРТ.

Операцијата за преселба на опрема од над 47.000 тони ќе почне во 3 часот наутро на 5 април, петок, ќе трае 45 часа и ќе заврши во 23.59 часот на 6 април.

И „Истанбул“ и „Ататурк“ ќе бидат затворени за редовни летови меѓу 2 и 14 часот на 6 април. Опремата која ќе се преселува може да се собере во 5.000 шлепери, а во операцијата ќе учествуваат над 1.800 часот. Од 3 часот на 6 април кодот IST од „Ататурк“ ќе се префрли на новиот аеродром.

Преселбата првично беше планирана за свеченото отворање кое се случи на 29 октомври минатата година (Денот на Турската република), но беше одложено за новогодишната ноќ, но и тоа не се случи.

Аеродромот „Ататурк“ беше главниот истанбулски аеродром за граѓански летови од 1953 година, а по преселбата на 6 април ќе се користи за ВИП и тренажни летови, како и за авијациски изложби и други цели.

Новиот истанбулски аеродром почна да се гради во јуни 2014 година, а треба да биде комплетиран до 2023 година, кога од шест различни писти со капацитет од 500 авиони, ќе може да опслужува 200 милиони патници. Ќе има и 70.000 паркинг места.

Изграден е на европската страна на Истанбул, на 35 километри северно од градот, а кога ќе биде комплетиран, ќе се простира на околу 76 квадратни километри.

meta.mk