Новото име Северна Македонија ќе се вклучи во грчките учебници

Сподели

Во грчките учебници ќе се вклучи новото име „Северна Македонија“ за соседната земја, како што предвидува Договорот од Преспа, за соседната земја, пишува заменикот министер за надворешни работи на Грција, Маркос Боларис во писмениот одговор на пратеничко прашање од опозициската Нова демократија, јавува МИА.

Тој одговара на прашањето на пратениците Јоргос Кумуцакос и Ники Карамеос, кои го прашуваат Министерството за надворешни работи на Грција, дали во грчките учебници постојат иредентистички наводи. Боларис на тоа одговара негативно.

-Грција како земја членка, меѓу другото и на ООН, на ЕУ, УНЕСКО, Советот на Европа и ОБСЕ, цврсто ги почитува принципите на неупотреба на насилство во односите меѓу државите, принципите на добрососедство , на неповредливоста на границите и на избегнување на употреба на вербална омраза во пишувањето на учебниците што се користат во Грција. Според тоа, во учебниците што се во употреба во Грција не постојат иредентизми или ревизионизми како што тие се споменати во член 9 параграф 5 од Договорот од Преспа, пишува Боларис во писмениот одговор.