Сите учебници што се користат во образовниот систем во сите нивоа на образование, како и целата педагошка евиденција што ја водат наставниците и професорите, вклучително и свидетелствата и сите официјални документи, ќе се менуваат во следните пет години.
Согласно Договорот од Преспа, секаде каде што стои името „Република Македонија“ или „Македонија“ треба да се промени во „Република Северна Македонија“.
– Посебна комисија при Министерството за надворешни работи ќе работи заедно со Грција на овие прашања. Учебниците се за во некоја идна друга фаза, но во секој случај, таа комисија ќе решава за нив – велат во Владата.
Лаура Папранику, советник на министерот Арбер Адеми за „Мета.мк“ изјави дека засега нема ништо конкретно во врска со ова прашање.
– Чекаме насоки или одлука на Влада, па потоа најверојатно во фази ќе се менува целокупната документација. Во оваа фаза, не знам колку пари би ја чинело сето тоа државата – рече Папранику.
Освен во учебниците, новото име на државата треба да биде впишано и во целата педагошка евиденција што ја водат училиштата, наставниците и професорите во сите нивоа на образование. Тоа значи дека освен нови учебници, ќе се печатат и нови дневници, нови свидетелства, нови главни книги, ученички легитимации, евидентни листови годишни програми на училиштата.
Согласно Договорот од Преспа, во целата нова официјална документација, државните институции треба да го користат новото име на државата. Во однос на ова, ќе има два транзициски периоди, еден „технички“ и еден „политички“. Техничкиот транзициски период се однесува на сите официјални документи од јавната администрација – и оние за меѓународна и оние за внатрешна употреба. Таму стои дека ваквите документи и материјали ќе се обновуваат во следните пет години.