„Македонија е единствена земја во Европа без спроведен попис на населението веќе 14 години и оваа исклучително важна статистичка операција не зазема значајно место во изборните програми на партиите и на коалициите“, се вели во соопштението на граѓанската организација НВО Инфоцентар.
„Итен приоритет за новата влада формирана по изборите, меѓу другото, мора да биде подготовката и спроведувањето сеопфатен попис на населението, според сите меѓународни стандарди и со засилено меѓународно набљудување. Новата влада ќе треба да обезбеди политички консензус и волја да се реализира пописот, а тоа подразбира да се решат политичките прашања и да му се дозволи на Заводот за статистика, стручно и независно да ја реализира оваа исклучително важна статистичка операција“, се вели во соопштението.
Во него, исто така, се додава дека во Македонија не постојат услови за спроведување попис базиран на регистри.
„Од клучно значење е да се спроведе релевантен и веродостоен попис преку традиционално теренско попишување на населението. Паралелно со ова треба да се спроведуваат активности за создавање и за поврзување на регистрите на граѓани“, се истакнува во соопштението.