Вести Свет Став Ударни вести

Обединети за човештвото – Аналена Баербок

Сподели:

 

Креаторите на политики имаат моќна алатка за надминување на главните предизвици со кои се соочува светот. Соочување со агресивната војна на Русија во Украина, борба против климатската криза, и ублажувањето на недостигот на основни добра генерира извонредна глобална солидарност – но не доволно, пишува  Аналена Баербок за Республика.

Како да имаме оптимистички очекувања за 2023 година?

Аналена Баербок

На европскиот континент беснее разорна војна. Воената агресија на Русија расече длабока рана, многу поширока од територијата на Европа, влошувајќи ја кризата со храна и енергија во големи делови од Африка, Блискиот Исток и Азија. Повеќе од 800 милиони мажи, жени и деца си легнуваат гладни секоја вечер. Климатската вонредна состојба долева масло на огнот, поттикнувајќи конфликти ширум светот, а како последица на тоа, некои луѓе останаа без своето земјиште, домот и безбедноста.

Како можеме да бидеме оптимисти во вакви страшни и неизвесни времиња? Искрено верувам дека, како одговорни светски лидери, едноставно немаме друга опција освен да се соочиме со следната година цврсто убедени дека можеме да поттикнеме промени за да го подобриме животот на луѓето. Не да го направиме тоа и покрај оваа „совршена бура“ од кризи – туку поради неа.

Нелсон Мандела ги има опишано моментите кога била разнишана неговата верба во човештвото, но сепак не се предал на очајот. „Дел од оптимизмот е да се држи главата свртена кон сонцето, а нозете да се движат напред“ – вака рече тој.

Да гледаме напред и да не скршнуваме од патот, сигурни во она што можеме да го постигнеме ако застанеме заедно – тоа е, според мене, она што треба да нè води во новата година. И не го кажувам ова од позиција на наивна надеж. Ова го кажувам со сигурност, од позиција на министер за надворешни работи кој сфатил во бројни и честопати тешки ситуации, во изминатите 12 месеци, колку можеме да постигнеме ако дозволиме солидарноста и хуманоста да ги водат нашите постапки и ако го браниме она во коешто веруваме.

Токму на тој начин одговоривме на руската воена агресија против Украина – обединети, во Европа, од другата страна на Атлантикот и од сите страни на светот – со нашиот јасен став против нечовечноста на војната, со нашата поддршка за Украина, со санкции насочени кон руската воена машина и со инвестиции во нашата безбедност.

Ова исклучително единство не беше загарантирано. Повеќе од 140 држави се изјаснија против руската агресија на Генералното собрание на Обединетите нации во март – од север до југ, од исток до запад – сите со различни истории, политики и култури. Она што нè обединува е заедничката кауза – да го направиме она што нашите граѓани го очекуваат од нас: да бидеме непоколебливо јасни дека, во ситуации на неправда, нема да бидеме неутрални. Ќе заземеме страна – за правда за жената силувана во Буча, за диригентот застрелан во Херсон и за детенцето принудено да го напушти својот дом во источна Украина.

Затоа што ние можевме да бидеме на нивно место, а тие на наше. И затоа што, ако дозволевме оваа воена агресија да помине без последици, никој, никаде, не би можел да спие мирно, живеејќи во страв дека ќе биде нападнат од поголем сосед.

Нашата сила е во нашата обединетост. Обединети за човештвото – ова длабоко убедување ми дава доверба за годината што е пред нас.

Затоа, мора добро да ги начулиме ушите. Тоа е уште една клучна лекција што ја извлеков од изминатите неколку месеци – не само со поглед на нашите партнери во Европа, туку и во Африка, Азија, Латинска Америка и Блискиот и Средниот Исток.

Кога разговарав за војната на Русија со многу од овие партнери, често го слушав следново мислење: „Сакате да застанеме со вас сега кога има војна во Европа. А, каде бевте во последните години кога ние бевме соочени со жестоки конфликти?“

Ги разбирам овие грижи. И навистина верувам дека треба да бидеме подготвени критички да ги преиспитаме сопствените постапки и како досега сме дејствувале на глобално ниво. Исто така, треба внимателно да слушаме кога нашите партнери ни кажуваат колку е тешко да се намали нивната зависност од Русија – без разлика дали е воена, политичка или економска. Ова е огромен предизвик. Во Германија гледаме како трошокот за надминување на нашата зависност удира по џебот на нашите граѓани. За многу партнери, раните се уште подлабоки. За нив, поставувањето заштитни штитови вредни милијарди евра едноставно не е можно.

Нашите партнери мора да знаат дека можат да се потпрат на нас. Еден колега, министер за надворешни работи, неодамна ми рече: „Ни требаат посветени партнери, а не партнери кои само сакаат да ни удоволат“. Ова треба да биде нашето водечко начело.

Јасната порака ни е дека не му го вртиме грбот на светот бидејќи во нашето соседство беснее војна. Напротив, гледаме како оваа војна предизвикува страдање низ целиот свет, бидејќи Русија го ограничува пристапот до извозот на жито во Украина и шири лаги за тоа кој е виновен за недостигот.

Реакцијата ни беше најделотворна кога бевме најобединети. ООН, заедно со нашите турски партнери, преговараа за повторно отворање на украинските пристаништа за жито. Г7, каде се обединети економски силните демократии, посвети над 14 милијарди долари до јуни 2022 година за да помогне во ублажувањето на болката на оние кои се во најлоша состојба, а Германија останува вториот најголем хуманитарен донатор во светот. Оваа солидарност ми влева доверба. Но, тоа не е доволно.

Светската програма за храна мораше да ги намали донациите на храна во Јемен, Сомалија и Сахел. Секое вакво намалување значи дека уште некое дете ќе гладува. А, ако гледате дека вашиот син или ќерка гладуваат, не можете да се борите за демократија, права или слобода. Затоа, со почетокот на новата година, не смееме да се колебаме во нашата заедничка поддршка.

Во исто време, ќе собереме партнери за да се справиме со една од најтешките основни причини за кризата со храна: климатската вонредна состојба. За милиони луѓе ширум светот, оваа криза е видлива закана за нивните животи. Жените во северниот дел на Мали ми раскажаа како сушите ги уништуваат нивните жетви, поради нив земјоделците си одат од нивните домови, а судирите околу земјиштето и ресурсите стануваат сè полоши. Во Палау, еден рибар ме одведе на брегот близу неговиот дом, покажувајќи ми како зголеменото ниво на морето може да ја проголта неговата куќа за помалку од десет години, со што тој ќе остане без домот, безбедноста и изворот за егзистенција.

На Конференцијата на ОН за климатски промени (COP27), запознав активист од Чад кој ми кажа: „Токму во овој момент, мојата земја е под вода, мајка ми го изгуби својот дом, сестра ми го изгуби својот дом, моите братучеди ги изгубија своите домови“.

Климатската криза нанесува штети, одзема животи и домови. Тоа е директна закана за човечкиот живот. Огромна неправда е што земјите како Чад и Палау страдаат толку многу од оваа криза, додека речиси ништо не придонеле за нејзиното создавање.

Како индустриски развиени земји кои во голема мера се виновни за кризата, имаме посебна одговорност да помогнеме во нејзиното ублажување, да ги намалиме емисиите и да направиме планот од 1,5 Целзиусови степени да биде остварлив. Бидејќи секоја десетина од степен помалку во глобалното затоплување значи помалку интензивни бури, поплави и суши – а со тоа и поголема безбедност.

Затоа беше клучен чекор напред што отворивме ново поглавје за климатската правда на COP27. Сега, големите испуштачи на штетни гасови имаат обврска да го платат својот дел за климатските загуби и штети што ги предизвикуваат во најранливите држави. Тука не се работи за милосрдие; се работи за правда. Тоа е нешто што особено малите островски држави го бараат со децении – и со право. Оваа година конечно испративме јасна порака: Ве слушнавме. Разбравме. И сега, ќе преземеме чекори.

Во климатската вонредна состојба, како и во други конфликти и кризи, најмногу страдаат најранливите: жените, децата, старите лица и маргинализираните групи. Цврсто сум убедена дека правата на жените се мерило за состојбата на нашите општества. Во автократските режими, тие често се први на удар. И штом ги снема, тоа е знак дека следуваат уште полоши работи. Она од што најмногу се плашат автократските режими е кога жените го креваат својот глас.

Ако половина од населението е потиснато, ниедно општество или економија не може да напредува. Затоа, за мојата влада, Феминистичката надворешна политика која се бори за еднаквите права на секој од нас во нашите општества е суштинско прашање за цврста безбедност. Оваа политика ќе заземе на едно од челните места во нашата Стратегија за национална безбедност што моментално ја подготвуваме.

„Жените се првите жртви на војната, но само тие го имаат единствениот клуч за мирот“. Тоа е изјавата на конгоанската активистка за човекови права Џулиен Лусенге.

„Доколку жените не се безбедни, никој не е безбеден“, ми рекоа храбрите жени во Украина.

„Жени, живот, слобода“, се зборовите што жените во Иран ги скандираа. Нивното скандирање одекнува низ целиот свет, како химна на храброста.

Ако треба да смогнам сила за 2023 година, таа сила ја црпам од храбрите жени како нив, без разлика дали потекнуваат од Конго, Иран, Авганистан или Украина.

Нивното скандирање е нашата химна. Нивната храброст е нашето мерило. Нивната кауза е нашиот повик – не само да застанеме самоуверено, туку смело да преземеме акција, обединети за човештвото.

Сподели: