По повеќе објавени книги, денес во Скопје излезе од печат збирката поезија на Авдулах Рамчиловиќ на босански јазик „Idemo dalje“. Ова е прва збирка на поезија од овој автор која излегува во нашата држава. Претходно, една од неговите збирки поезија е преведена на македонски јазик, односно збирката „Уште еден круг“. На овој начин авторот Авдулах Рамчиловиќ и неговата поезија оставаат траен белег и даваат голем придонес на бошњачката и македонската книжевност, како и книжевноста на регионот во целина.
Авторот во книгата „Idemo dalje“, песните ги распоредил во три дела: поезија за животот, поезија за децата и поезија за љубовта кои претставуваат една целина. Во збирката се застапени и песни чија директна инспирација е Македонија, како што се песните „Скопје“ и „На Кочо Рацин“.
Во делот од рецензијата се вели: „Само човекот кој чекори може да оди понатаму. Ги има многу, и добро е што е така. На патеката остават отисоци, но дали ќе остават трага? Малкумина со своите чекори додека ја правата патеката оставаат траги кои го одредуваат својот живот и влијаат врз животот на другите и нивните патеки. Авдулах е еден од оние луѓе кои тивко чекорат, но чии чекори оставаат траги во вечноста и стануваат безвременски.“
Авторот Авдулах Рамчиловиќ е магистар по педагошки науки, поет и научника кој е роден на 02.08.1945 г., во Црна Гора, а дел од животот го поминал и во Македонија, каде што и денес често престојува. Неговите научни трудови се од областа на образованието, каде што и работел. Објавил шест книги, а неговите песни се застапени во околу 150 заеднички збирки поезија. Преведуван е на англиски, арапски, персиски, бугарски, унгарски, македонски и на други јазици. За својата научна дејност и поезијата добитник е на значајни награди и признанија, а неговите песни се застапени и во школските учебници во Црна Гора.