Обраќање на Пендаровски во ОН: Македонија ќе остане посветена на мирно решавање на сите проблеми

Сподели

 

“Македонија ќе остане посветена на мирно решавање на сите проблеми и во регионот каде што се наоѓа и во целиот свет, затоа што тоа нема алтернатива”, изјави денеска претседателот Стево Пендаровски во своето обраќање на Генералното собрание на Обединетите нации.

“Нашиот регион сеуште се соочува со нерешени политички и историски спорови што имаат потенцијал да не вратат во деведесетите години на минатиот век. Решението за овие проблеми лежи само во надминување на историските митови, излезот сигурно не е во идеологиите од 19-от век за етничка и верска доминација.

Во овие рамки, многу е важно, инвестициите да не се сведат на вложување само во економиите. Демократијата, за која по крајот на Студената војна бевме уверени дека нема реална алтернатива, денеска е под жесток напад на популистички и авторитарни тенденции. Доколку сакаме да ја задржиме моралната супериорност на демократијата во однос на другите модели на политичко управување, мораме да инвестираме во неа, особено меѓу младите генерации. Во таа смисла, еден од фундаменталните предизвици пред нас е да вложуваме во едукацијата за демократските вредности за да ги потиснеме разбудените радикални идеологии, како неофашизмот, ултранационализмот и расизмот. Тоа е задача за државите и формалното образование, но, не помалку и за системот на неформалното образование, како и за граѓанското општество.

За да биде успешна оваа битка се води на повеќе фронтови истовремено. Секоја држава, секој народ и секоја организација може да даде свој придонес. Но, предуслови за да ја постигнеме целта се ефективна меѓународна соработка и глобална солидарност за што ни се неопходни Обединетите нации, реформирани и прилагодени на новата реалност.

Со сите свои недостатоци, оваа организација останува единствената вистински глобална, неутрална и легитимна платформа за соработка. Во однос на потребата за нејзина темелна реформа, предизвиците пред кои сме сите исправени можат да се решат само со повеќе, не со помалку мултилатерализам, кој освен владите и државите ќе го вклучува и приватниот сектор, меѓународните владини и невладини организации, академските установи и здруженијата на младите, жените и маргинализираните, кои со право бараат вистина, правда и еднаквост.

Во духот на мултилатерализмот, Република Северна Македонија ќе продолжи да ги исполнува своите меѓународни обврски и да ја поддржува работата на Обединетите нации и нејзините специјализирани агенции во креирање и спроведување на јавни политики за прашања од глобално значење” – изјави претседателот Стево Пендаровски.