Oбвинетиот во „Монструм“ тврди дека бил тепан за да го признае делото

Сподели

Обвинетиот во „Монструм“ Хаки Азири, кој првично бил загрозен сведок, на денешното рочиште во Основниот суд Скопје 1 раскажа како на први мај 2012 година бил брутално апсен, тепан, плашен, носен по полициски станици низ Македонија, но и во МВР, присилуван да признае дека помогнал тероризам, поради што и на крајот пред истражен судија дал изјава под притисок на инспектори од МВР.

Обвинителката од СЈО Фатиме Фетаи побара да се чита изјавата на Хаки Азири од 2 мај таа година пред истражен судија, а и да се прегледа аудиовизуелната снимка по пет дена што ја дал, за да се види, како што рече, дали имало некакви промени и повреди кај него, зашто тврдеше дека на први и деновите потоа бил брутално тепан и малтретиран.

Азири рече дека во МВР инспектори и еден со повисок чин и функција му кажале што треба да кажува пред истражен судија, ако сака да ги види живи членовите на неговото семејство.

Според обвинението тој со свое возило ги презел од „опел омегата“ прво и второобвинетите Алил Демири и Африм Исмаиловиќ веднаш по убиството. Биле со црни ракавици и фантомки, му кажале: „Направивме гомнарија, убивме човек“.

Ни на главното судење првиот пат, ни на повтореното денеска, Хаки Азири не го потврди тоа признание што го дал на почетокот во истрагата како загрозен сведок, поради што беше обвинет, осуден.

Обвинителката Фетаи побара пауза, најавувајќи дека распитот на Азири ќе трае долго. Судијата Огнен Ставрев, пак, рече дека поради тоа што на снимката не се гледа дали Азири има повреди од тепањето, на следното рочиште со посебна техника тој ќе биде зумиран.

meta.mk