На истрагата на Јавното обвинителство за говор на омраза од реисот на Исламската верска заедница (ИВЗ), Сулејман Реџепи, кон Македонците ќе се придодаде и истрага за говор на омраза кон судијката која што одобрила негова смена од челното место на ИВЗ, јавува „Порталб.мк“.
– Случајот ќе биде испитан, ќе се направат проверки, во рамките на случајот што претходно беше отворен од Јавното обвинителство – велат од ЈО.
Реџепи во текот на вчерашната прес-конференција во Кондово, по седницата на Ријасетот рече оти слушнал дека судијката која ја донела одлуката за негово разрешување страда од здравствени проблеми, и додаде „нека умре, не ми е жал“, по што доби аплауз од поддржувачите.
Претходно, реисот во говор во скопското село Арнакија, на почетокот на возобновувањето на џамија на 14 март Македонците ги нарече „диви животни“.
– Џамиите да се попречуваат и да не се одоброува нивната изградба, оваа работа нема да ја дозволиме. Никогаш нема да молчиме. Се надеваме со господ напред дека ќе дојдат подобри времиња и секаде имаме народ и места… во село Лажец, битолско каде повеќе од 100 години немаат џамија. Замислете вие каков див народ е овој со кој сме во соживот. Овие се беспримерен див народ, затоа немаат идентитет и нема да имаат никогаш, без разлика што ние сакаме да им помогнеме. Не се помага, бездушниот не се освестува – рече тогаш Реџепи.