Од утре ќе се вози на новата патека „Велосипедски парк Водно”

Сподели

 

Љубителите на планинарскиот велосипедизам  од утре ќе може да возат по новата нагорна пионерска патека на Водно, која е дел од  проектот „Велосипедски парк Водно“.

 

 

Официјалното отворање на патеката ќе биде во 12 часот на средно Водно, а претходно, сите велосипедисти се поканети да учествуваат на натпревар во организација на „Прв до врв“. Натпреварот ќе почне во 10 часот од полициска станица Водно и секој натпреварувач ќе стартува на 20 секунди, а учеството е бесплатно.

 

 

Со изградбата на велосипедската патека на Водно, се отвора ново поглавје во туристичката понуда на Скопје, но и на Република Северна Македонија.

 

 

Тргнувајќи од фактот дека велосипедскиот туризам се реализира преку програмата за развој и промоција на туризмот во шест држави од Западен Балкан, и Градот Скопје ја изгради оваа сертифицирана вело – патека што ги исполнува условите за организација на меѓународни натпревари на северните падини на Водно.

 Новата планинска велосипедска патека е со променлива широчина (најмногу до 3 метри),  со вкупна должина од 3.432 метри и  се протега од полициската станица се до Средно Водно. За да се зголеми  безбедноста на сите посетители на Водно, таа е посебна патека наменета исклучиво за велосипедистите, односно целосно одвоена од патеките на Водно што се наменети за пешаци и планинари.

Проектот за уредување на оваа планинска вело-патека  на Водно се реализираше  во соработка и е кофинансиран од Советот за регионална соработка (Regional Cooperation Council).