Одбележан е Меѓународниот ден на демократијата

Сподели

Над двесте деца и младинци – ученици од петнаесетина основни и средни училишта од главниот град и околината, како и група актери – пантонимичари од  „Тим театрос“ продефилираа денеска во Собранието, каде што беше одбележан Меѓународниот ден на демократијата – 15 септември.

Пред изведбата на перформансот – пантомима, преку кој беше изразено значењето на зборот демократија, присутните во Кристалната сала ги поздрави претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши, кој порача дека суштината на демократијата, како круцијална вредност на современиот свет е создавање услови за интеграција во општеството за секој поединец, независно од неговата етничка припадност, пол, вероисповед, општествена положба или политичка определба. Тоа е, рече Гаши,  базата за задржување на младите во нашата држава, затоа што демократијата не е нешто што се зема здраво за готово, туку треба постојано да се надградува.

„Северна Македонија е се уште млада демократија, конципирана со Уставот како граѓанска и демократска држава, која ги гарантира човековите права, граѓанските слободи, националната рамноправност и социјалната правда. Во овие 33 години, ние практикувавме демократија, паралелно учејќи ги нејзините вредности и осознавајќи го значењето на нејзините принципи. Една од лекциите што  ја совладуваме е дека во основата на демократијата е дијалогот, посебно меѓу политичките чинители во општеството, пред се меѓу пратениците, како народни избраници“, рече претседателот Гаши.

Пред присутните ученици, пратеници, претставници на НДИ и на граѓански организации, се обрати и амбасадорката на Швајцарија, Вероник Улман, која се осврна на проектите за развој на демократските процеси во законодавниот дом.

Таа порача дека Швајцарија ќе продолжи да ги поддржува младите луѓе во Северна Македонија, со цел тие да бидат носители на промените. Исто така, рече амбасадорката Улман, ќе продолжиме да соработуваме со Собранието за јакнење на неговата независност и на надзорната улога.

Генералната секретарка Марина Димовска, во своето поздравно обарќање, истакна дека демократијата не е само форма на владеење, туку и систем на вредности, идеали и принципи кои нѐ водат и насочуваат.

Меѓународниот ден на демократијата, рече Димовска, е одлична можност да се осврнеме на состојбата на демократијата во земјата, да видиме што сме достигнале до сег, и што се може да превземеме за да бидеме уште поуспешни во иднина. Само со целосно учество и поддршка од државните институции, граѓанското општество и меѓународната заедница,  идеалот за демократија може да биде реалност од која бенефит ќе имаме сите.

„Овој ден нека претставува потсетување колку се значајни слободата на говорот, граѓанските слободи и владеењето на правото, како и заштита и унапредувањето на човековите права. Ние сме должни да ги сочуваме и унапредуваме овие вредности. Затоа и вие драги ученици, ќе имате обврска да продолжите по нас, со уште поголема мотивација и ентузијазам“, рече генералната секретарка Димовска.

Роберт Скот Хејзлет, виш резидентен директор на Националниот демократски институт,  нагласи дека демократијата е голем збор. Демократија е кога секој има  право на глас за тоа како да се водат работите, на пример, како да ги избереме нашите лидери и да одлучуваме за правила кои ни помагаат да живееме заедно.

„Замислете игра во која само една личност ги диктира сите правила и никогаш не слуша некој друг. Дали тоа би било забавно? Секако дека не! Во демократијата секој може да има своја улога, да ги сподели своите идеи и да помогне да се одлучи како да се игра. Тоа е фер игра каде што секој глас е важен, без разлика дали сте млади или стари“, рече Скот Хејзлет.

* Интерпарламентарната унија (ИПУ), во септември 1997 година, ја усвои Универзалната декларација за демократија. Десет години подоцна, на 15 септември 2007 година, Генералното собрание на Обединетите нации, со Резолуција, го прогласија овој датум за Меѓународен ден на демократијата.

Основни елементи на демократијата се вредностите на слободата, почитувањето на човековите прав и правото на глас. Овие вредности се отелотворени во Универзалната декларација за човекови права и понатаму се развиваат во Меѓународниот пакт за граѓански и политички права и за граѓански слободи.   Основни предуслови за демократија се: силен парламент, фер и слободни избори, гарантирање на човековите права, еднаквост меѓу половите и недискриминација, активно граѓанско општество, ефикасни политички партии и независни медиуми.  За да може  демократијата да напредува и да се надоградува потребни се силни парламенти, кои ќе функционираат врз основа на општо прифатените принципи и вредности: транспарентност, отвореност, одговорност и ефикасност.