Македонската шаховска федерација ќе одбележи еден век постоење на Светската шаховска федерација ФИДЕ
Шаховската федерација на Македонија ги повикува сите талентирани шахисти, почетници и големи ентузијасти да учествуваат во најголемиот шаховски спектакл во земјава.
Во сабота, на 15 јуни во Градскиот парк во Скопје, на Школка, се одбележува стогодишниот јубилеј од постоењето на Светската шаховска организација (ФИДЕ).
Со симболично поставување на 100 шаховски табли и Македонија се приклучува во одбележувањето на овој вековен јубилеј. Секој посетител кој ќе дојде во Градски Парк на 15 јуни ќе има можност да изигра партија шах и биде дел од настанот кој ветува одлични партии шах, многу музика, подароци и забава.
Дел од оваа шаховска сензација ќе бидат реномирани имиња од светот на шахот, со кои и децата и возрасните ќе можат да се сретнат на црно-белата табла.
Британскиот шаховски велемајстор и директор за развој на шахот на ФИДЕ, Најџел Шорт ќе допатува во Македонија и заедно со светската првенка од 2004 и 2006 година Антоанета Стефанова како и велемајсторите Владимир Георгиев и Петар Арнаудов ќе се дружат и запознаат со нашите домашни шахисти и љубители на шахот и други.
Македонската шаховска федерација го организира одбележувањето на стогодишниот ФИДЕ јубилеј со поддршка од УНИ БАНКА, под мотото „100 години шах-вистинскиот потег е со УНИ банка”. Шаховската Федерација на Македонија е членка на ФИДЕ од 1991 година. Федерацијата има организирано голем број на европски шаховски турнири, а минатата година ФИДЕ ни ја довери честа да го организираме Светското Екипно Првенство за Сениори над 50 и над 65 години. Македонските шаховски репрезентации учествувале на сите Шаховски Олимпијади организирани под покровителство на ФИДЕ.