Денеска се навршуваат 119 години од смртта на македонскиот револуционер Гоце Делчев. По тој повод македонски државни делегации ќе положат цвеќе на неговиот гроб во црквата Свети Спас во Скопје и пред спомениците, а во македонското собрание ќе биде доделена и државната награда „Гоце Делчев“.
Денеска продолжува и вчера започнатиот научен симпозиум „150 години од раѓањето на Гоце Делчев“ во организација на Институтот за национална историја – Скопје при што свои реферати презентираат 46 еминентни професори и научници од земјава.
Најавена е и промоција на поштенска марка посветена на 150-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев, отпечатена во шест илјади примероци. Годишнината од смртта на Гоце Делчев се одбележува и во Бугарија, а во тие рамки под покровителство на бугарскиот претседател Румен Радев, ќе се дебатира на темата „Гоце Делчев и заедничката историја на Бугарија и Македонија – меѓу фактите и идеологијата.“