Денеска одбележуваме шеесет години од катастрофалниот земјотрес кој во 1963 година го погоди Скопје и однесе бројни жртви, оставајќи илјадници луѓе без покрив над главата.
Шеесет години непребол за загинатите и за разурнатото Скопје кое со помош од целиот свет се крена повторно и се создаде модерен град кој денес „дише“ во духот на традицијата и современите архитектонски стилови.
Скопје стана светски симбол на солидарноста и на обединетата помош и поддршка која пристигнуваше од сите страни, за што вечно ќе бидеме благодарни.
Денеска се сеќаваме на жртвите од земјотресот на кои им оддаваме должна почит и кои вечно ќе останат запаметени.
Катастрофалниот земјотрес е длабоко врежан во нашата колективна меморија, а за нас е порака да продолжиме да го чуваме и градиме нашето општество врз темелите на солидарноста, пожртвуваноста и заедништвото.