Оддадена почит за загинатите бранители кај Карпалак во 2001 година

Сподели

Со положување цвеќе пред споменикот на 10-те загинати на Карпалак во прилепската касарна „Мирче Ацев“ и со почит за загинатите бранители почна одбележувањето на 18-годишнината од масакрот кај месноста Карпалак.

На 8 август 2001 година на патот Скопје – Тетово во близина на селото Групчин, кај месноста Карпалак во заседа од страна на терористите на УЧК беше нападнат конвој на Армијата на Република Македонија, каде во заседа загинаа 10 прилепски воени резервисти: Сашо Китаноски, Нане Наумоски, Бранко Секулоски, Марко Деспотоски, Ердован Шабаноски, Љубе Грујоски, Дарко Вељаноски, Веби Рушитоски, Горан Миноски и Пеце Секулоски. Почит им оддадоа делегација на касарната, владина делегација, на прилепската локална самоуправа, семејствата на загинатите бранители, на здруженија, институции, на политички партии.

– Споменот никогаш нема да згасне, а жртвата на 10-те херојски бранители ќе ја паметат генерации војници за пример како се брани татковината, нагласи во своето обраќање пред присутните потполковник Ѓорѓи Василевски, командант на прилепскиот гарнизон.

Од Здружението „Карпалак“ имаат барања кои во целост не се реализирани, меѓу кои да се изгради споменик на местото на настанот.

“Нашите барања се исти: да се озаконат правата за бранителите, да се изгради споменик на месноста Карпалак. Повеќе права бараме од социјала, од образование. Имаме доставено барања од сите сфери, но малку се остварени. Се сменија многу влади со многу ветувања”- изјавија од здружението.