Одговор на ЗНМ и ССНМ на барањето за извинување од Богдан Илиевски

Сподели

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) согласно своите статути постојано ги застапуваат и ги штитат правата на своите членови, како и правото на слобода на изразување и слобода на говор.

Со оглед на тоа што минатата недела имаше пријава до двете организации од новинарката Лепа Џундева за говор на омраза и сериозни закани упатени кон неа на статус/коментар објавен на профилот на Богдан Илиевски на социјалната мрежа Фејсбук, двете организации јавно повикаа дека таквите напади и закани се недозволиви и сериозно можат да ја загрозат безбедноста, но и животот на колешката. Загриженоста за растечкиот број на напади и закани, особено кон новинарките преку социјалните мрежи двете организации ја адресираат веќе подолго време.

За статусот на Илиевски кој се состоеше од два збора „Добро, зошто?“, пропратен со само мал од дел од интервјуто на колешката Џундева со грчки пратеник, оценката на двете организации беше дека во актуелниот контекст поттикнал коментари кои ја загрозија нејзината сигурност. Земено беше предвид дека Илиевски како јавна личност која води емисија на телевизија со национална концесија, а притоа е и активен на социјалните мрежи на кои што има значителен број на следбеници, треба да биде свесен дека неговите зборови, врамувања, посочувања и контексти може да предизвикаат последици, како што впрочем и се случи.

Поттикнувањето говор на омраза и закани кои може да доведат до насилство не мора да биде направено со директни зборови што се јасен говор на омраза. Илиевски е јавна личност, чии општествени и политички ставови се исто така познати поради неговото учество во јавниот живот. Токму поради тоа и одговорноста на јавните личности за јавно искажаниот збор е поголема.

Врамувањето на колешката во конкретниот контекст, со коментар со пропратен линк од дел од интервјуто кое таа го направила со грчки пратеник, укажува на сосема јасна намера таа да се изложи во негативен контекст. Значењето, пак, на јавно искажаниот збор во овој случај е особено засилено поради тоа што се наоѓаме во сензитивен период во кој емоциите во јавноста се на високо ниво поради сѐ уште актуелната тема за употреба или неупотреба на името Македонија и реакциите и жалбите од Грција. Двете организации во овој случај потенцираат дека за нив е од исклучителна важност слободата на изразување да остане неприкосновена, без разлика дали во општеството постојат различни мислења околу некоја тема од јавен интерес.

Оттука, потребно е да се истакне дека посочувањето од Илиевски поттикна огромен број коментари од трети лица во кои има повици за насилство, говор на омраза врз политичка, национална и родова основа, како и експлицитни закани по животот на новинарката Џундева.

Затоа овој случај беше пријавен и во Министерството за внатрешни работи, односно беше посочен коментар под статусот на Илиевски кој претставува сериозно загрозување на безбедноста на Џундева. Тој коментар, кој истовремено од група на други корисници беше поддржан и промовиран содржи експлицитни навреди, повикува на „сечење јазик“ и сексуално насилство.

Укажуваме дека за сличен коментар во кој повторно наративот беше „сечење јазици на новинари“ на Фејсбук-профилот на ЗНМ, Основното јавно обвинителство презеде дејствија кои резултираа со правосилна пресуда од страна на Основниот кривичен суд на штета на авторот.

Оттука, сметаме дека доколку ја повлечеме јавната осуда за говорот на омраза кон новинарките ќе ги прекршиме основите на кои овие организации се поставени, како што се одбраната на интегритетот и безбедноста на нашите членови.

Безбедноста на медиумските работници според стандардите на Советот на Европа, во кои Македонија е членка, како и на Европската федерација на новинари во која ЗНМ и ССНМ се членки, претставува основа на слободата на изразување и слободата на говор.

Потсетуваме дека за вакви случаи имаме активен меморандум за соработка со Министерство за внатрешни работи на Македонија како и Протокол за безбедност на новинарите (со фокус на новинарките) на интернет усогласен со МВР.

Одлуката за вакви и слични реакции поминува низ протокол во организациите кој е воспоставен со цел коректна и прецизна оценка на случаите на напади врз новинарите и медиумските работници и не е дело на поединци.

Очекуваме Богдан Илиевски јавно да ѝ се извини на Лепа Џундева за веруваме ненамерниот потег од негова страна кој предизвика неприфатливи коментари кои се насочени кон неа во изминатите денови на социјалните мрежи. Тоа ќе биде потег кој ќе придонесе во смирување на непотребната тензија која настана, како и гест кој неминовно ќе го поздравиме. Интересот на ЗНМ и ССНМ е сплотена новинарска фела, толеранција и почит за пример во општеството.

За крај, ЗНМ и ССНМ се дополнително загрижени што по јавната реакција, наместо поддршка за Џундева, се огласија поединци кои ги искривуваат изнесените факти за случајот, а со тоа ја зголемуваат тенденцијата на напади врз жени во општеството и одново поттикнуваат вербални деликти кон Џундева. Во случајов беа забележани и непријателски коментари кон Илиевски, кои исто така ги осудуваме, а тие се последица од присутната поларизација во општеството за конкретното прашање.

Двете организации уште еднаш укажуваат дека новинарите, без разлика на нивните лични ставови, треба професионално и ослободени од притисоци да известуваат за овие прашања без притоа да се изложуваат на говор на омраза или да се врамуваат во одреден политички контекст, се наведува во реакцијата од Здружението на новинари на Македонија, Самостоен синдикат на новинари и медиумски работници.