Денеска министерот за внатрешни работи на РС Македонија, Оливер Спасовски, за време на работната посета на Букурешт, оствари билатерална средба со Генералниот директор на Центарот за спроведување на Законот во Југоисточна Европа (СЕЛЕК), Огуз Серкан Акин. Притоа, тој истакна дека повторната средба со директорот Серкан-Акин, претставува уште една можност да се потврди добрата соработка.
„Во рамки на овие оперативни состаноци РС Македонија остварува соработка со соседните земји како Бугарија, Албанија, Србија и Грција. Истовремено, благодарение на СЕЛЕК, на офицерите за врска и националните контакт точки воспоставена е одлична комуникација со органите што го спроведуваат законот од земјите членки на СЕЛЕК. Така, во првите 6 месеци од 2023 година нашите оперативни активности беа забележани од останатите партнери и беа оценети на високо ниво. Во споменатиот период од наша страна со останатите земји членки на СЕЛЕК и другите партнери разменети се повеќе од 2000 оперативни информации. Најголем дел од разменетите оперативни информации се од областа на недозволената трговија со дрога, како и на илегалната миграција и трговија со луѓе, финансискиот криминал, компјутерскиот криминал, потрагите по лица и други. Одржани се 8 оперативни состаноци, отворени се 10 заеднички истраги, од кои реализирани се 4, а останатите се во процес на реализација”, информираше министерот Спасовски.
Потврда за нашата работа и посветеност во борбата против организираниот прекуграничен криминал претставуваат и добиените награди. Имено заедничката истрага со кодно име IRON реализирана меѓу надлежните служби на Република Северна Македонија и Република Албанија ја доби I награда за најдобра заедничка истрага во рамки на СЕЛЕК за 2021 година (заплена на 325 кг кокаин). Исто така заедничката истрага со кодно име TAKSIM реализирана меѓу надлежните служби на Република Северна Македонија и Турција доби I награда за најдобра заедничка истрага во рамки на СЕЛЕК за 2022 година. (запленети 1105 кг прекурсори).