Вчера Охрид го доби петтиот по ред почесен конзулат. Станува збор за конзулат на Република Унгарија, а инаугурацијата на почесниот конзул, ректорот на Американскиот колеџ, Марјан Бојаџиев, ја изврши државниот министер за културно-научна дипломатија при Министерството за надворешни работи на Унгарија, Иштван Иѓарто.
Досега во Охрид почесни конзулати отворија Република Турција, Република Полска, Република Словенија и од минатото лето – Руската Федерација.
Дописникот на „Мета“ провери кои од конзулатите во Охрид функционираат. Отворен беше само полскиот, кој е сместен кај охридската чаршија и дава услуги секојдневно, особено лете, кога во градот престојуваат многу туристи од Полска.
Другите три претставништва беа под клуч, а за нивното постоење потсетуваат само националните знамиња на двете земји, кои, во случајот со турскиот конзулат, изгледаа понижувачки, како за Република Македонија, така и за Република Турција.
Република Турција го отвори првиот почесен конзулат во Охрид во март 2010 година, со многу помпа и со големо внимание од турска страна. За таа пригода, во Охрид и во официјална посета на земјата, допатува тогашниот шеф на турската дипломатија, Ахмет Давутоглу.
Нешто слична е и состојбата со рускиот почесен конзулат. Беше отворен минатото лето, во Конгресниот центар на УКИМ. На почесниот дипломатски трон застана Велимир Стојковски, кој во тоа време беше ректор на УКИМ.