„Охридско лето“ е нашата верба во културата како темел на нацијата

Сподели

Со гала-концерт на американската пијанистка со блескава уметничка кариера, Клер Хуангчи, во придружба на оркестарот на Македонската филхармонија под диригентската палка на маестро Едвин Оутвотер, вечерва на сцената на Античкиот театар беше отворено годинашното 65-то издание на најголемата и најпозната музичко-сценска манифестација во земјава, Фестивалот „Охридско лето“.

Министерот за култура и туризам Зоран Љутков во своето обраќање пред присутните  нагласи дека „Охридско лето“ не е само фестивалска програма, туку е и хроника на незаборавни уметнички средби, духовен календар на едно народно живеење што, како што додаде, секое лето блеска во својата најчиста форма.

– Оваа фестивалска година ја одбележуваме не само со бројки и големина туку и со созреаност на духот и визија за иднината. Не сме овде само за да се восхитуваме, тука сме за да ја потврдиме нашата верба дека културата е темел, а не додаток. Таа не е украс, туку јадро на нашето постоење. Уметноста е нашата најмоќна потврда дека сме народ што памети, што чувствува, што се стреми кон повисоки вредности – рече во своето обраќање министерот Љутков.

Гала-концертот го проследија дел од државниот врв предводен од премиерот Христијан Мицкоски, министри, амбасадори и дипломатски претставници во земјава, градоначалникот на Општина Охрид, како и претседателот на Република Албанија, Бајрам Бегај.

Фестивалот „Охридско лето“ се одржува под покровителство на Претседателот на државата, финансиски поддржан од Владата, Министерството за култура и туризам  и Општина Охрид.