Вечерва, во редовниот термин од 21 часот, во црквата „Света Софија“, концертно ќе се претстават членовите на „Аигета“, гитара-квартет од Монте Карло.
Подемот на квартетот „Аигета“ почнува во 1982 година, кога настапуваат со Филхармонискиот оркестар на Монте Карло, и оттогаш постојано се присутни на светската музичка сцена.
Ансамблот го сочинуваат четворица извонредни гитаристи – Франсоа Сони, Александре Дел Фа, Филипе Лоли и Оливер Фотрат, кои повеќе од 30 години ги облагородуваат најпрестижните сали во Европа.
Имаат издадено повеќе компакт-дискови, меѓу кои и еден со дела на познатиот американски џез-музичар и пијанист Бил Еванс, како и еден албум целосно посветен на нивните композиции.
Редовни гости се и на некои од најпопуларните интернационални фестивали за гитара.
Покрај дела од класичната музика, квартетот често изведува и дела од џез-музиката.