ОЈО Скопје бара продолжување на куќниот притвор за малолетникот кој го прегази д-р Ѓорѓи Јота, бидејќи постои реална опасност детето да се даде во бегство.
Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје денеска до Советот за деца при Основниот кривичен суд Скопје, достави предлог за примена на санкција спрема дете во ризик постаро од 14 години, кое извршило дејствија кои со закон се определени како кривично дело – Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот од член 300 став 3 во врска со член 297 став 3 во врска со став 1 и кривично дело – Неукажување помош на лице повредено во сообраќајна незгода од член 301 став 1 од Кривичниот законик.
На 25 февруари, детето во ризик, како учесник во сообраќајот на јавните патишта, не се придржувал кон сообраќајните прописи и со тоа го загрозил јавниот сообраќај и го довел во опасност животот и телото на луѓето. Иако немал возачка дозвола, тој со брзина поголема од дозволената за населено место управувал автомобил БМВ Х6 по булеварот „Мајка Тереза“ во Скопје. Кога дошол на раскрсницата со улицата „Елисие Поповски Марко“, односно наближувајќи кон обележан пешачки премин, ваквата брзина не му овозможила да запре и да ги пропушти пешаците. Така, тој со возилото удрил во пешак кој во тој момент поминувал по пешачкиот премин. Од ударот, оштетениот се здобил со тешки телесни повреди поради кои се наоѓа во животно-загрозувачка состојба, а детето во ризик веднаш по несреќата го напуштило местото на настанот без да му укаже помош.
Бидејќи постои реална опасност детето да се даде во бегство, да ја попречува постапката или да го повтори кривичното дело, надлежниот јавен обвинител достави и предлог за продолжување на претходно определената мерка куќен притвор.