Надлежен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција издаде наредба за проверка на фирми коишто во предизборниот период наменски отвориле портали без импресум, адреса на седиште и без објавување на ценовник за рекламирање.
Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при Министерството за внатрешни работи до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција достави Известување според кое постои сомневање дека политичките партии за време на предизборниот период платиле политичко рекламирање на интернет портали што биле непосредно отворени и со мала посетеност. – соопшти Јавното обвинителство.
Во насока на утврдување на наводите од Известувањето, во текот на утрово во координација со обвинителството, Министерството за внатрешни работи спроведе акција при што е одземена документација од три фирми кои ги основале предметните портали, а ќе се прибираат и докази од други релевантни институции, информира Јавното обвинителство.
Порталот 360° повикувајќи се на извори oд истрагата објави дека под лупа се три фирми во чија сопственост се повеќе портали, на кои рекламна кампања реализирала партијата ВМРО ДПМНЕ, а кои или немале импресум или немале доставено официјален ценовник до Државната изборна комисија. Истиот извор наведува дека за реализација на рекламна кампања партијата на една компанија уплатила 20.000 евра која потоа кампањатра ја насочила кон 7 портали во нејзина сопственост. Според Изборниот законик максималната сума која партија може да потроши за рекламирање на портали во изборна кампања е 15.000 евра.