ОЈО поднесе обвинителен акт против 9 лица за перење на над 9 милиони евра

Сподели

 

По сеопфатна истражна постапка, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција до Основниот кривичен суд – Скопје достави Обвинителен акт против девет лица, информираат од ОЈО. Меѓу деветте обвинети се поранешниот градоначалник на Кочани од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Ратко Димитриевски и бизнисмените Коле Смилевски и Томе Главчев. На нив им се става на товар дека извршиле продолжено кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување од член 353 став 4 од Кривичниот законик.Со дејствијата што обвинетите ги презеле бесправно се пуштени пари во оптек во вредност од над 9 милиони евра.

Од почеток на 2001 година до крајот на 2004 година К.С, Т.Г и Р.Д како одговорни лица во правни лица, со намера за две правни лица во приватна сопственост да  прибават значителна имотна корист, ја злоупотребиле службената положба и овластување во вршење на нивните посебни овластувања за законито работење на правните лица.

Во периодот од 2002-2004 година, шест друштва постапиле спротивно на чл.38 од Законот за банки и се обиделе акциите на банката од втората емисија да ги купат со средствата од самата банка. К.С. иако знаел дека Народна банка не го одобрила спроведувањето на втората емисија, без да постои правен основ, со управителите на друштвата кои учествувале во купување на акциите склучил договори за надомест на штета, притоа банката на друштвата им исплатила вкупен износ од 81.703.461 денар по основ на наводна камата. Со овие дејствија К.С. за друштвата прибавил значителна корист, а со добиените средства обвинетите затвориле поголем дел од обврски и кредити за кои имале интерес.

На почетокот на 2005 година, со цел да ја прикријат прибавената корист од трансакциите, во име на своите правни лица, Т.Г. и Р.Д. подигнале кредити во износ на 144.000.000 денари, односно 100.000.000 денари од Еуростандард банка и ги исплатиле кредитите на друштвата во банката. Во исто време, обвинетите Т.Г. и Р.Д. при банкарско работење го замениле имот што го прибавиле со казниво дело и прикриле дека тој имот потекнува од казниво дело. Имено, на почетокот на 2005 година, кога станале свесни  дека со нивната противправна имотна корист, ја оштетиле Македонска пошта, единствениот реален основач на банката, за вкупен износ од 8.134.504 евра, го искористиле капиталот на банката и за да одбегнат добивање согласност од Македонска пошта како акционер со златна акција, ги отуѓиле акциите евидентирани на нивните правни лица. За таа цел од Еуростандард банка АД подигнале кредит во износ од 244.000.000 денари или 3.967.480 евра, а како гаранција за подигнатиот кредит ги заложиле акциите кои биле евидентирани на нивно име во банката. Кредитите не биле вратени и Еуростандард банка станала сопственик на заложените акции. Обвинетите Т.Г и Р.Д., со паричните средства од кредитот на Еуростандард банка исплатиле дел од противправно прибавена корист во вкупна вредност од 241.343.619 денари или 3.924.286 евра на име на кредити што биле употребени за стекнување на основачки влог во банката и фиктивни кредити кои индиректно ги користеле за сопствени потреби.

Обвинителството во врска со предметот донесе и Наредба за проценка на замрзнатиот имот и евентуален дополнителен имот во сопственост на обвинетите со кој би се реализирала постапката за конфискација.