ЊУЈОРК (АА) – Претседателот на Франција, Франсоа Оланд, во своето обраќање истакна дека ситуацијата во Сирија е дамка за меѓународната заедница, јавува Anadolu Agency (AA).
По своето обраќање на 71. Генерално собрание на ОН во Њујорк, претседателот на Франција, Оланд даде изјава за медиумите. „Ситуацијата во Сирија претставува дамка за меѓународната заедница“, рече тој.
„Во Сирија луѓето умираат од глад, напаѓани се конвоите што носат хуманитарна помош, се употребува хемиско оружје и секојдневно умираат деца“, изјави Оланд во своето обраќање пред новинарите, истакнувајќи дека меѓународната заедница има своја одговорност во сето тоа.
„Режимот на Асад притиснат од страна на Русија требаше да го почитува воспоставениот прекин на огнот во Сирија“, истакна Оланд и додаде дека поддршката на режимот на Асад ќе доведе до уништување на државата.
Оланд изјави дека е потребно САД да ги поддржува групите од умерената опозиција во Сирија.
– Кралот на Јордан, Абдула II –
Кралот на Јордан, Абдула II, во своето обраќање пред Генералното собрание на ОН зборуваше за потребата од борба против екстремизмот, кој „го влече човештвото во мрак“.
„Борбата на муслиманите против екстремизмот претставува борба за иднината“, истакна кралот Абдула II и додаде дека погрешната перцепција на исламот од страна на Западот, само ги потхранува терористите на глобално ниво и им помага во создавањето нетрпеливост.
Јорданскиот крал Абдула II во врска со граѓанската војна во Сирија изјави: „Нема да има победник, и двете страни ќе бидат губитници“.
За поддршката што Јордан ѝ ја дава на Палестина, кралот Абдула II истакна: „Израел или ќе го прифати мирот, или на крајот ќе биде проголтан од морето омраза“.
– Емирот од Катар, Ал Тани –
Катарскиот емир, Шеикот Хамад Ал Тани ја критикуваше слабоста на системот на ОН и незаинтересираноста на меѓународната заедница околу граѓанската војна во Сирија и за другите спорни ситуации во светот.
Шеикот Ал Тани рече: „Теоретски, поголем дел од земјите во светот го поддржуваат сирискиот народ и стојат покрај него, но во практиката, освен поддршката од неколкуте верни пријатели, народот е оставен сам на себе“.