Оливер СПАСОВСКИ: МВР во првите 100 дена

Сподели

Почитувани,

Во согласност со ветувањето за транспарентност и отчетност пред граѓаните, дозволете ми на денешната прес конференција да ве информирам за она што го сработивме во Министерството за внатрешни работи во првите сто дена.

Следејќи ги приоритетите на Владата на Република Македонија и интересот на граѓаните, Министерството за внатрешни работи започна со спроведување на неопходните реформи од Планот 3-6-9.

Фокусот во имплементацијата на краткорочните мерки беа:реформа на разузнавачките служби,борбата против организираниот криминал исправувањето со проблемот со мигрантите.

Истовремено, почитувајќи ги правата на граѓаните, а водени од нашите уставни и законски надлежности, министерството своите активности ги насочи кон:зајакнување на инситуционалните капацитети,враќање на демократските вредности и нивно доследно почитување,отворена соработка со граѓанското општество изаштита на правата на граѓаните.

Политичката криза во Република Македонија започна со објавувањето на скандалот со прислушкувањето. Масовната злоупотреба на системите за следење на комуникациите предизвикаа криза која сериозно го наруши угледот на безбедносните служби, но и се откри контролираното управување од еден центар на моќ.

Во изминатиот период започната е реформа на системот за следење на комуникациите на начин што пред се ќе се гарантира независна и експертска контрола, која ќе се спроведе преку зајакнување на капацитетите за собраниски надзор, но и воспоставување на нови механизми за цивилна и експертска контрола. Со реформата се предвидува отстранување на посредничката улога на Управата за безбедност и контраразузнавање и елиминирање на секоја можна злоупотреба. Концептот на реформата е воден од препораките на групата на експерти предводена од Прибе, а земени се предвид и извештаите на релевантните меѓународни организации. Следен чекор е до крајот на годината да бидат поднесени предлозите на законските решенија, со обврска во нивната изработка да се вклучат и преставници на Собранието, граѓанското општество и академската јавност.

Во почетна фаза е и реформата на Управата за безбедност и контраразузнавање преку која ќе се гарантира дека Управата ќе го врати својот углед на професионална и реномирана служба. Основни цели на оваа реформа се: професионалност, департизација и транспарентност.

Министерството за внатрешни работи ги има предвид и глобалните закани и предизвиците кои и се закануваат на безбедноста, па оттаму свесни за зголемената појава на тероризам, формиран е Националниот комитет за спротивставување на насилниот екстремизам и радикализација која води кон тероризам, а со одлука на Влада именувани се и Национален координатор за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризам и негови заменици.

Република Македонија трпи сериозни критики за недоволната борба против организираниот криминал и затоа оваа Влада и министерството превземаат конкретни мерки за вистинска борба. Започната е постапката за операционализација на Националниот координативен центар за борба  против организираниот криминал. Тоа значи дека за помалку од еден месец ќе започне со работа центарот во кој учество ќе земат и Управата за финансиска полиција,  Управата за јавни приходи, Управата за финансиско разузнавање, Царинската Управа и Јавното обвинителство.  Овој центар

ќе придонесе за ефикасно идентификување на криминални групи кои делуваат на територијата на Република Македонија или на меѓународно ниво,

ќе овозможи поддршка и координација на заеднички истраги,

ќе придонесе за ефикасна и брза размена на информации помеѓу агенциите за спроведување на закон и ќе биде

поддршка на меѓународни заеднички истражни тимови.

Во овие три месеци започнавме и со реформа на одделението за борба против корупција во МВР, а се работи и на формирање на меѓуинституционална работна група со цел зајакнување на капацитетот и експертизата за спроведување на истраги и конфискација на имот на посистематска основа. На предлог на МВР, Владата веќе усвои информација за потребата од изготвување на стратегија за јакнење на капацитетите за водење финансиски истраги и конфискација на имот и во тек е формирање на работна група која треба да ги изготви националната стратегија и акцискиот план до крајот на 2017 година.

Започната е постапката за склучување на Договор за статус помеѓу Владата на Република Македонија  и Европската Унија, за акции спроведени од страна на Агенцијата за европска гранична и крајбрежна стража во Република Македонија. Преговорите се во тек. Со овој Договор ќе се утврди правната рамка на соработката помеѓу ЕУ и Република Македонија со цел ефикасно спроведување на европското интегрирано гранично управување и зајакнување на оперативните капацитети на Република Македонија во справување и заштита на границите од евентуални нови предизвици.

Во тек е и формирање на специјална единица за борба против трговија со луѓе и криумчарење на мигранти, составена од претставници од Основно јавно обвинителство за борба против организиран криминал и корупција и МВР. Исто така, во тек е постапката околу повторното формирање на мобилни тимови за идентификација на жртви на трговија со луѓе, заедно со Министерството за труд и социјална политика и невладините организации. Во соработка со експерт од ЕУ, изработен е нов Закон за азил, и истиот е веќе доставен до ЕУ на мислење.

Исто така во завршна фаза е и текстот  на Законот за странци усогласен со регулативите на ЕУ. Министерството учествува во работните групи за подготoвка на Предлог-законот за зашитита на сведоци и Законот за заштита на приватност кои се во надлежност на Министерството за правда. Текстот на предлог-законот за заштита на сведоци е подготвен. Дефиниран е моделот и правната рамка за воспоставување на надворешен независен механизам за надзор на работата на полицијата во соработка со Советот на Европа и Народниот правобранител.

Овој модел предвидува формирање на посебно одделение во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (Обвинителство плус) и формирање на посебна организациона единица кај Народниот правобранител како механизам на граѓанска контрола (Обдусман плус или Полициски обдусман). Овој модел ќе биде одлична законска гаранција за независна контрола над работата на полицијата.

Зајакнати се контролите и постапувањето на Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди. Добиени се 189 преставки поднесени од граѓани и правни лица кои алармираат на непрофесионално постапување на вработени во МВР. Вкупно 127 полициски службеници постапиле спротивно на правилата и прописите, против 91 е поведена постапка за утврдување на дисциплинска одговорност, од кои на 10 им е изречена мерка суспензија. Поднесени се пет кривични пријави, четири за „злоупотреба на службена должност“ и една за  „несовесно работење во службата“.

Во соработка со невладиниот сектор и Народниот правобранител се решивме за елиминација на законската можност полицијата да употребува гумени куршуми и електрични парализатори. Она што сакам да го потенцирам е дека во изготвувањето на сите нови закони ја консултираме и ќе ја консултираме научната јавност со цел да добиеме што е можно поквалитетни решенија. Веќе договоривме поинтензивна соработка со Факултетот за безбедност, а очекуваме вклучување на што е можно повеќе експерти во овие процеси.

Во изминатите сто дена остварив неколку билатерални средби со колеги од пријателските држави, на кои договоривме конкретни начини на соработка. Се сретнав и со голем број на амбасадори, на кои им ја претставив мојата визија за тоа како треба да функционира МВР. Од нив ја добив комплетната поддршка, а со неколку пријателски земји договорена е и конкретна финансиска и друга помош, која ќе биде од голема полза за Министерството, кое го затекнавме во многу лоша ситуација, особено на финансиски план.

Минатиот месец ја посетив Агенцијата на Европската унија за обуки за спроведување на законот – ЦЕПОЛ во Будимпешта и таму потпишавме Работен Аранжман меѓу Министерството за внатрешни работи на Република Македонија и ЦЕПОЛ, со кој и формално се регулира оперативната соработка меѓу Агенцијата на ЕУ за обука на полициски служби и Министерството за внатрешни работи на Република Македонија.

Потпишавме и Меморандум за разбирање меѓу Центарот за обука при Министерството за внатрешни работи на Република Македонија и Полициското училиште за спроведување на законот – Сегедин за соработка во областа на заедничките обуки, односно реализација на заеднички програми за размена на стручен кадар и студенти, размена на искуства и податоци, изработка на заедничка програма за обука и спроведување заеднички обуки и проекти поврзани со превенција.

Веќе е изготвен и утре ќе биде потпишан договорот за реципрочно признавање на возачките дозволи со Босна и Херцеговина, а во завршна фаза е и договорот со Сојузна Република Германија.Една од основните заложби е државата да има лојална полиција. Но, затоа пак  мора да имаме почитувани полицајци. Времето на трошење на буџетски средства за луксузни ручеци и вечери заврши. Намаливме од трошоците за репрезентација, обезбедивме средства за полицијата.

Започната е постапка за набавка на 7.000 специјални чизми, џемпери,  чевли,  зимски виндјакни, летни и зимски кошули, капи, ремени, зимски панталони и здолништа, униформи за летачкиот персонал, униформи за припадниците на ЕСЗ. Полицајците една деценија немаат добиено нови  униформи, чевли, кошули… Поразителен факт кој не смее никогаш повеќе да се дозволи. Во тек е и набавка на канцелариски мебел со кој ќе се опремат полициските станици во Ѓорче Петров и Јегуновце, како и Секторот за прекршоци и Секторот за странци на СВР Куманово.

Набавени се над 400 компјутери кои неделава ќе бидат распоредени по полициските станици и на тој начин ќе се санира овој проблем.  Наредниот месец ќе бидат набавени над 40 возила со што ќе се санира дел од недостатокот на возила.

Согледуваќи ја нужноста од поголемо превентивно дејствување на полицијата, а согласно анализите за гарантирање на јавниот ред и мир, министерството распиша оглас за вработување на нови 500 униформирани полицајци. Пријавувањето е завршено, но имајќи предвид дека изборниот процес за Локалните избори 2017 е започнат, процесот на селекција на кандидатите ќе започне по завршувањето на изборите. Ова е со цел да се спречи на било каков начин овој оглас да се злоупотреби во партиски и политички цели.

Во овој период од 100 дена се водеа криминалистички истражувања од повеќе области на криминал- недозволена трговија со дрога, криумчарење мигранти, финансискиот криминал и корупцијата, насилниот и сериозниот криминал, при што реализирани се дел од истрагите, додека во дел од нив активностите продолжуваат. Како резултат на преземените мерки во овој период од три месеци на подрачјето на Републиката е намален бројот на регистрираните кривични дела за 7 отсто во споредба со истиот период минатата година. Безбедносната состојба во државата е стабилна. Бележиме значително намалување на бројот на прекршоците од 14 отсто. Според сите оценки, МВР одлично си ја заврши работата и при организацијата на прославата на Илинден и при организацијата на Супер куп натпреварот меѓу Манчестер јунајтед и Реал Мадрид. Во овој период во рамки на мерките за сузбивање на организирани криминални групи, меѓу кои беше и сузбивањето на 23-члена криминална група инволвирана во криумчарење мигранти.  На подрачјето на републиката се извршени пет убиства, од кои расветлени и документирани се четири. Преземените активности во борбата против недозволената трговија со наркотични дроги резултира со заплена на околу 240 килограми разновидна наркотична дрога, што претставува шесткратно зголемување на количините во споредба со минатата година.

Сакам да потенцирам дека во изминатиов период имавем плодна меѓународна  полициска соработка, која е од исклучителна важност, пред се за ефикасна борба во сузбивање на организираните криминални групи. Оваа соработка се одвиваше најчесто со земјите од регионот, но и со подалечни држави, а размената на криминалистичко разузнавачките информации, оперативните состаноци, проверки и слично се одвиваат преку агенциите за спроведување на законот, како што се Интерпол, Европол, ДЕА и офицерите за врски на земјите.  За одбележување е соработката за размена на информации во делот за недозволена трговија со дрога со турската полиција, полицијата на Косово, со претставници на италијанската и швајцарската полиција. Во насока на интензивирање на досегашната извонредна соработка во делот на интегрираното гранично управување од исклучително значаен придонес е и добиената донација од милион евра од Владата на Република Чешка, наменета за материјално-техничко опремување на граничната полиција.

Министерството за внатрешни работи значително ја зголеми и транспарентноста кон граѓаните и медиумите. Уште во првите денови по моето доаѓање на оваа позиција на вработените во МВР и особено на Одделот за односи со јавност им беше укажано дека мора максимално да се зголеми транспарентноста, која во изминатите години беше на многу ниско ниво.

Соработката со медиумите ни е еден од приоритетите и сите информации се навремено достапни до нив. МВР од скоро е присутно и на социјалните мрежи, каде се споделуваат информации од работата на Министерството. Максимално сме отворени за соработка со медиумите и јас како министер ги прифаќам сите понуди за интервјуа, а честите прес конференции и брифинзи се уште еден од начините да се постигне целта- максимална транспарентност на Министерството.

Ви благодарам