“Следејќи ги состојбите со остварувањето на правата на децата Народниот правобранител, на крајот на март достави Препорака до Владата на Република Северна Македонија со цел заштита на ранливите категории граѓани во услови на пандемија од вирусот Ковид-19. Притоа укажа дека одредени категории граѓани како што се децата, старите и изнемоштени лица, лицата со попреченост, социјално загрозените лица, лицата/семејствата кои живеат во субстандардни услови и бездомниците, како најранливи категории во општеството, стануваат уште поранливи во услови на здравствена криза. Во насока на унапредување на грижата на државата за сите граѓани, а особено на децата со попреченост, имајќи предвид дека беше отпочнато со он чајн настава, Народниот правобранител препорача преземање дополнителни мерки и активности заради осигурување дека онлајн наставата е достапна за секое дете, заради остварување на правото на непречено образование, укажувајќи дека недостигот на финансиките средства и технолошките можности може да бидат пречка секое дете/семејство да биде вклучено во овој начин на воспитно-образовна надградба, имајќи ги притоа предвид и потребите на децата со попреченост како во посебните училишта така и оние вклучени во инклузивното образование.”
Ова се наведува меѓу другото во посебниот Извештај на Народниот правобранител за предизвиците, проблемите и предностите на реализираната онлајн настава за учениците со попреченост, кој е доставен до Министерството за образование и наука.
– Народниот правобранител препорачува, при изборот и креирањето на модалитетот за изведување (следење) на настава, да се имаат предвид и овие категории на ученици, при што во изборот на начинот на реализација на истата да не се поаѓа само од типичниот ученик. Според Народниот правобранител, креаторите на образовните политики треба да ги идентификуваат и да се раководат од потребите на најмаргинализираните категории, вклучително и учениците со попреченост, при што да обезбедат непречен пристап, квалитетно следење и успешно стекнување на знаења, без разлика дали се вклучени во редовните или посебните училишта. Впрочем, достапноста, пристапноста, приспособливоста и прифатливоста на образовниот систем, и во редовни и во време на вонредни состојби, се итни обврски на државата која е потписник на Конвенцијата за правата на лицата со попреченост – стои во документот на Омбудсманот.
Потребно е обезбедување на непречен пристап до правото на образование на секое дете, дури и во услови на учење од далечина, што пак подразбира зајакнување на капацитетот на образовниот систем во целина, со цел да допре до сите ученици, целосно и ефективно учество, пристапност, присуство и успех на сите ученици, особено оние кои, поради различни причини, се исклучени или се во ризик да бидат маргинализирани.