ОН се исклучително загрижени за безбедноста на населението во градот Мосул по започнувањето на офанзивата на ирачката армија за преземање на градот од рацете на џихадистичката група Исламска држава, изјави синоќа Стивен О’Брајен, заменик генералниот секретар на светската организација за хуманитарни прашања.
– Семејствата се изложени на огромна опасност да се најдат меѓу два огна или да станат мета на снајперисти, како и да бидат употребени како жив штит, нагласи О’Брајен.
– ОН се подготвени да обезбедат засолниште за 60.000 лица во кампови и објекти за времено сместување. Во процес на изградба се нови кампови, кои се планирани за 250.000 луѓе. Подготвени за доставување се прехранбени производи за 220.000 семејства, како и 240 тони лекови, истакна О’Брајен.
Ирачкиот премиер Хајдар Абади синоќа најави почеток на голема копнена операција за ослободување на вториот по големина град во земјата од борците на ИД. Мосул беше заземен од ИД во јуни 2014 година.