Опасно за Балканот! – Мерсел БИЉАЛИ

Сподели

 

Западот направи круцијална грешка и на пат е да создаде еден нов опасен Хитлер во светот!

Украина со векови беше дел од Царска Русија, а потоа и од Советскиот Сојуз, сѐ до неговото распаѓање во 1991 година, кога Украина мирно се отцепи со повеќето други федерални единки. Потоа НАТО почна да се проширува кон исток, со што ги внесе во јатото повеќето источноевропски нации кои беа во комунистичката орбита. Во 2004 година, НАТО ги прими поранешните советски балтички републики Естонија, Латвија и Литванија. Четири години подоцна, ја објави својата намера да и понуди членство на Украина, процесот беше бавен поради проруската блискост.

Мерсел Биљали

На почетокот на 2014 година, почна тнр. „Портокаловата револуција“ со што беше урнат прорускиот претседател Јанукович, оти тој одби да потпише договор за асоцијација со ЕУ. Како реакција, Русија одговори со анексија на украинскиот полуостров Крим и со поттикнување сецесионистички потези во Донбас. Речиси 14.000 луѓе загинаа во тој конфликт, а околу 1,5 лица внатрешно се раселија.

Русија, проширувањето на НАТО кон нејзините граници со години го смета за „опасност по нејзината безбедност“. Затоа сега го предизвика конфликтот со Украина, најголемата безбедносна криза во Европа од  Втората светска војна. Сега Украина е пред капитулација и нуди преговори по желбата на Путин. Но, не се знае дали Путин ќе прифати да преговара со постојната легитимна власт, оти бара свои елементи надвор од постојната власт.

Моментално, за стопирањето на конфликтот во Украина не можат ништо да направат ниту НАТО ни ЕУ, ни ОН. За жал во врска со Украина западњаците направија почетничка грешка. Прво, долго време ги хранеа надежите на Украина за членство во НАТО, а воопшто не беа сигурни дали воопшто тоа е добро, оти украинскиот народ е доста близок со рускиот, па со години ја вртеле Украина лево-десно. Второ, наместо на време да се согласат, па дури и самите да предложат некаква „трајна неутралност“ за Украина (како што е Финска), со што Путин ќе беше парализиран, тие со главата во облаци или во ѕид, мислеа дека Путин блефира, се додека не им се случи втората епизода во Доњецк и Луганск. А и потоа мислеа дека тоа е само за подобри преговорачки позиции на Путин, за да на крајот видиме дека баш ништо паметно не мислеле! Секој основец и почетник ќе им кажеше дека Путин сега има потреба за лично истакнување, за да продолжи да биде цар во Русија. Диктаторите по своја логика никогаш нема лесно да попуштат. Хитлер до последниот ден не попушташе. И сега Украина е оставена во немилост! 

Тоа што светот сега „жали“ за состојбата таму, наликуваат на „поздрави и честитки“ или “жалопојки”, а тоа ништо не значи и ништо не менува. Путин како болен ум од 21 век, продолжува со логиката на 18 век. Неслучајно, еден мудрец вели: кога би знаеле луѓето што ум го води светот, би умреле од страв! Европа, веројатно уште мисли дека Путин ќе се задоволи со Украина. Така и за Хитлер мислеле дека ќе се задоволи со Чехословачка и Полска, па видовме што пекол се случи во Европа и светот. Западните политичари сега за жал резонираат со логиката на гласачите! Така не бива државник. Со предложениот статус неутралност за Украина од нивна страна, Путин ќе останеше без ниедна карта, а ќе имавме легитимна власт и стабилност.

Сега Украина е окупирана, и тешко власта дека ќе опстои. Украина ќе стане вазална држава на Путин. Ќе згасне демократијата на една голема држава колку што е Франција. Светот веќе не може да биде ист, оти се случи насилна окупација на една голема држава без одлука на ОН. Путин сега силно ќе притиска и на околните држави, каде што има руско малцинство, но и на Балканот. И тие држави сега оправдано стравуваат. Тоа е резултат на ваква плитка западњачка политика!

Зли духови на Балканот !?

Кризата може брзо да се пресели и во фукционирањето на самата ЕУ. Германија која 55% зависи од рускиот гас, веројатно ќе бара потолерантен однос кон Русија. Тука е и Италија која има голем извоз во Русија. Франција, можно да потпадне под емоции на историско пријателство со Русија. САД сеуште не можат да се отрезнат од штетите што ги создаде Трамп. А и никој не знае како ќе игра Кина за Тајван, иако таа е фокусирана повеќе кон трговијата со сите во светот.

Балканот пак ќе се загрее. Особено западниот Балкан игнориран толку долго од ЕУ. Тука рапидно се менува ресположението на луѓето од таквото игнорирање. Самиот Макрон ги спречи преговорите со Македонија и сега „мука ми јежеве“ трпиме со Бугарите! Никој не знае прорускиот Радев како ќе постапи. Владата на Бугарија, веројатно ќе се повикува на создадената состојба за да не се продолжи понатаму со глупавиот спор, но, тоа сега е равенка со многу непознати внатре во коалицијата. Можно е, нашиот спор сега да стане маргинален. Но, можно е некој со повеќе акал во Брисел или Вашингтон да каже – доста со ваков глупав спор. А вака како што е, уште повеќе ќе ги потхрануваат проруските елементи во државата и регионот. Руските елементи се силни во Србија, Црна Гора и БиХ, така што сега Додик ќе стане посилен и од Вучиќ. А Вучиќ го прави тоа што е можно, оти српската поблика силно навива за Путин.

Сега Пољаците и Унга рците гледаатколку глупаво одиграле во ЕУ, а во полза на Путин, ама доцна е! Ако запад се одлучи да возврати со странски мерценари во Украина, како што тоа го прави Путин со Чеченци, тогаш ќе имаме долга војна и криза, која економијата ќе ја доведе до катастрофа! На се ова, изгледа само Турција испадна попринципиелна, иако малкумина го очекуваа тоа. Тие јасно ја осудија Русија, но и несериозниот Запад за лошата игра. Сега поради бројни грешки, политиката на западот е доведена до тоа – да се спаси што може!