На денешниот координативен состанок кој го свика градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков, донесена е одлука да се одржи Охридскиот пливачки маратон. Маратонот ќе биде поддржан од спонзори и од Агенцијата за млади и спорт.
Охридскиот маратон традиционално се одржуваше под покровителство на претседателот на државата, но од неговиот кабинет вчера стигна соопштение дека оваа година нема да се одржи поради блокирана сметка на федерацијата.
„Општина Охрид беше целосно подготвена за техничката организација затоа што маратонот е голем промотор на нашиот град во светски рамки. Срамната одлука за неодружување на најголемата меѓународна спортска манифестација во Македонија доаѓа во годината кога се слави 60 години од првиот вистински маратон“, изјави грандоначалникот Пецаков.
Денешната одлука на координативното тело значи дека Општина Охрид целосно ќе ја преземе организацијата. Пецаков најави исто така дека ќе се најде начин да им се исплатат и наградите што три години не им биле дадени на пливачите.