Општина Центар ќе поправа и санира 13 кровови и 12 лифтови

Сподели

 

Врз основа на Програмата за комунални дејности на Општина Центар за 2020 година, донесена од страна на Советот на Општина Центар, општината трета година по ред објави јавен повик за финансиска поддршка за поправка и санација на постоечки кровни конструкции и постоечки лифтови на станбени згради.

Во изминатите три години со проектот за поправка и санација на кровови и лифтови се санирани 53 станбени објекти. Оваа година средства се издвоија за поправка на вкупно 25 кровови и лифтови. Проектот е поддржан со финансиски средства од општинскиот буџет, во висина од 30% од вкупниот износ од вредноста, но не повеќе од 150.000,00 денари за реконструкција на постоечки кровни конструкции и висина од 30% од вкупниот износ од вредноста, но не повеќе од 300.000,00 денари за поправка и санација на лифтови за секоја одобрена апликација, поднесена од заинтересирани сопственици на заеднички делови на колективни станбени згради управувани од Управител на станбени згради или Заедница на сопственици. Селекцијата на одбрани апликанти се изврши по принципот „Прв дојден, прв услужен“.

Право на учество имаа сите заинтересирани заедници на сопственици на станови, под следните услови: Доколку се работи за реконструкција на постоечки кровни конструкции, тие треба да бидат оштетени, доколку се работи за поправка и санација на лифтови, тие треба да бидат неисправни, но постоечки; сопствениците на станови да имаат регистрирано заедница на сопственици или да имаат избрано управител на станбена зграда; и најмалку 70% од становите во зградата/влезот, да се користат, односно се вселени во текот на целата година, вклучувајќи ги и изнајмените станови.