Орбан утре во официјална посета на РС Македонија

Сподели

На 26 и 27 септември 2024 година во дводневна официјална посета на РС Македонија ќе присуствува претседателот на Владата на Унгарија, Н.Е. Виктор Орбан, заедно со делегација од унгарската влада.

Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, ќе оствари официјална тет а тет средба со неговиот унгарски колега во (премиерската) вила Охрид. Дополнително, во рамки на посетата ќе се остварат и низа билатерални средби на македонските министри со ресорните колеги од унгарската делегација, а потоа ќе се одржи заедничка меѓувладина седница.

По завршувањето на меѓувладината седница на истата локација се очекува да се одржи прес-конференција, на која ќе се обратат двајцата претседатели на владите, Христијан Мицкоски и Виктор Орбан.

На маргините на дводневната посета предвидена е прошетка во градот Охрид, посета на црквата Богородица Перивлепта, Античкиот театар и манастирскиот комплекс Свети Наум, а свежо цвеќе премиерите на двете земји ќе положат на споменикот на Свети Кирил и Методиј во Охрид.