Научниците се надеваат дека конечно ќе направат снимка од супермасивната црна дупка во центарот на нашата галаксија. Со помош на Евент Хорајзон телескопот кој вклучува повеќе телескопи поставени на различни локации на земјината топка од јужниот пол сè до Хаваи и Европскиот континент. Овие телескопи имаат улога со меѓусебно поврзување да се склопи виртуелен телескоп со големина на земјината топка кој ќе постигне огромна резолуција што ќе помогне за прв пат да се сними супермасивната црна дупка наречена Стрелец А* (Стрелец А-ѕвезда) која се наоѓа во центарот на нашата галаксија.
Сите дванаесет опсерватории би требало да бидат доволни за да се набљудува активниот хоризонт на настани, односно акрецискиот диск и релативистичкиот млаз доколку моментално е активен од високо енергетски честици. Телескопите веќе се активираа на 5 април и набљудувањето ќе трае до 14 април, по што заедничките податоци ќе се обработуваат преку процес на интерферометрија до април 2018 година со надеж дека директно ќе се забележи околината на супермасивната црна дупка и прецизно ќе се одредат некои нејзини особини. Како секундарна цел е земена и супермасивната црна дупка во една наша соседна галаксија Месије 87 која се наоѓа на оддалеченост од 50 милиони светлосни години.
Точната локација на нашата супермасивна црна дупка е позната преку набљудување на ѕвездите кои орбитираат во нејзина непосредна близина и неколку мали ерупции на активност кои се забележани последните неколку години. Брзината на орбитирање на овие ѕвезди е со илјадници километри во секунда, преку што е одредена и масата на црната дупка од 4 милиони сончеви маси. Иако звучи колосално нејзиниот хоризонт на настани се очекува да биде само 30 милиони километри што е помало од орбитата на Меркур околу Сонцето. Стрелец А* е оддалечена 25.000 светлосни години од нас, со нејзиниот дијаметар од само 2 светлосни минути е само минорно делче од небото од пеесетина микроаглови секунди. За да се сними црната дупка потребно е да се постигне 2.000 пати поголема резолуција од Хабл вселенскиот телескоп.
Овој проект за составување на Евент Хорајзон телескопот трае скоро две децении чиј тим на научници со голем оптимизам веруваат во конечно забележување на хоризонтот на настани на нашата супермасивна црна дупка.