Османи: Македонија ќе претседава со ОБСЕ во 2023 година

Сподели

 

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, на денешната прес конференција соопшти дека на Министерскиот состанок на ОБСЕ во Тирана беше одлучено со консензус, Република Северна Македонија да биде домаќин и да претседава со ОБСЕ во 2023 година.

 

 

„Денеска извојувавме дипломатски успех за нашата држава. Со консензус, односно сите 56 земји учеснички во ОБСЕ, ја прифатија нашата кандидатура, со што и официјално ни го доделија претседавањето со организацијата во 2023 година, кое ќе следи по Шведска во 2021 година, и Полска во 2022 година“, истакна Османи.

Министерот информираше за текот на подготовките што ќе следат во наредниот период, пристапувањето кон дефинирање на предлог програмата и дефинирање на нашите приоритети, детализирање на финансиската конструкција, како и формирање на поширокиот тим кој ќе биде одговорен за реализација на активностите до и за време на нашето претседавање.

Претседавањето со ОБСЕ ќе придонесе кон едно ново, подобро меѓународно позиционирање на Република Северна Македонија, како конструктивен актер и контрибутор во промоцијата на заложбите на ОБСЕ, а индиректно ќе се создаде и можност да се манифестира институционален капацитет кој се очекува од земја-членка на НАТО и идна земја-членка на ЕУ“,  истакна Османи. 

Зборувајќи за меѓународниот успех и признание за покажаниот напредок кој како земја го демонстрираме во изминатите години, како во поглед на домашната реформска агенда, внатрешната кохезија особено преку уникатниот модел на мултиетнички односи, но така и на меѓународно ниво, во регионални, европски па и светски рамки, Османи потенцираше:

 

 

Тоа пред сѐ значи можност и за зголемена поддршка на јавното мислење во ЕУ за процесот на пристапување на Република Северна Македонија во рамките на претстојниот процес на преговори за полноправно членство; но и во изградбата на репутацијата на земјата или политичкиот бренд – Република Северна Македонија, како стабилен меѓународен партнер, дел од современите општествени системи, силен поддржувач на мултилатерализмот-што претставува еден од петте приоритети на надворешната политика“.

denesmagazin.mk