“Објавата на руската амбасада е непристојна и е класична закана”, оцени министерот за надворешни работи, Бујар Османи, на денешната прес-конференција.
МинистеротОсмани најави консултации во Министерство за надворешни работи, по што ќе се донесе одлука каква ќе биде македонската реакција на вчерашната објава на амбасадата на Русија во Северна Македонија на Твитер, дека внимателно се евидентираат случаите на русофобија во голем број странски земји.
– Оваа објава не е објавена само кај нас, туку и во сите земји во светот, пред сѐ, во Европа и ние ја интерпретираме како закана која што е надвор од нормалната дипломатска комуникација меѓу две држави. Имам организирано средба за да одлучиме која ќе биде нашата реакција, за што дополнително ќе информираме – вели Османи.
Во однос на евентуалното протерување на рускиот амбасадор од земјава, рече дека „Северна Македонија ги координира своите чекори со ЕУ и НАТО“ и ќе се разгледува прашањето дали тоновите од руската амбасада се прекршување на Виенската конвенција.
„Ако имаме податоци за нарушување на Виенската конвенција ќе постапиме билатерално, но сите одлуки се во координација со ЕУ“, додаде Османи.