Османи: Постои закана и самиот мултилатерализам да стане жртва на руската агресија врз Украина

Сподели

 

Во својство на Претседавач со ОБСЕ, министерот за надворешни работи Бујар Османи, денеска се обрати пред Советот за безбедност на Обединетите нации, а во рамки на 78-то Генерално собрание на ОН кое оваа недела се одржува во Њујорк.

“Постои закана и самиот мултилатерализам да стане жртва на руската агресија врз Украина, а никој, ниту во наше време ниту пред нас, сè уште не смислил подобра идеја или пракса од мултилатерализмот. Тоа е процес кој бара и заслужува секојдневна посветеност и нуди сеопфатен концепт за безбедност, токму онаков каков што нудат ОБСЕ и ОН”, рече Османи во обраќање пред Советот за безбедност на Обединетите нации.
 
“Кога одбележуваме 30 години соработка помеѓу ОН и ОБСЕ, оваа порака ја упатив на моето денешно обраќање пред Советот за безбедност на Обединетите нации, каде во својство на Претседавач со ОБСЕ посочив дека заедничката потрага по мир зависи од нашиот колективен ангажман.
 
Надоврзувајќи се на темелите на нашите организации, и работејќи заедно, бескомпромисни на договорените принципи, мораме да направиме сè за да продолжиме со нашите заеднички напори за мир, стабилност и безбедност”.