Министерот за надворешни работи Бујар Османи, изјави дека не верува во најавите дека Северна Македонија и Албанија ќе бидат раздвоени на патот кон ЕУ, затоа што тоа е погрешна дебата.
Министерот смета дека не треба да се откажуваме од можноста меѓувладината конференција да се одржи веќе во јуни, и да почнеме преговори со техничката влада на Бугарија за наоѓање на решение за споровите.
-Прво, мислам дека погрешна е дебатата што се насочува во јавноста. Ова не е прашање дали Албанија ќе ги почне преговорите или не, тоа е прашање на Албанија. Ние го поставуваме прашањето дали ние треба да ги почнеме преговорите, сметајќи дека сме ги исполниле сите критериуми, дури и сме ги надминале, во поглед на политичките, во поглед на економските и во поглед на транспонирањето на евроското законодавство. И затоа во мојот говор реков дека овој ѕид за започнување на преговори не само што стана симбол на нашите европски аспирации, стана тест на кредибилитетот на ЕУ, изјави денеска Османи по настанот организиран во пресрет на Денот на Европа.
-Ние ќе продолжиме да работиме за започнување преговори, да ја искористиме шансата во јуни која се нуди пред нас. Мислам дека дебатата одвојување е погрешна, малите држави треба да се засновуваат на принципи и вредности, а не на тактики и на стратегии, рече Османи.