Алтернатива Настани

Отворена изложбата „Потегот на четка – налик две трепкања со очите“ од Теофил Шулајковски-Тофе

Сподели:

 

Во Националната галерија „Чифте Амам“, со почеток од 20 часот беше отворена ретроспективната изложба на македонскиот ликовен уметник Теофил Шулајковски – Тофе, под мотото „Потегот на четка – налик две трепкања со очите“.

На изложбата се презентирани над 150 дела на македонскиот бард на акварелот, а присутни се најрепрезентативните дела од сите творечки фази, од најраните акварели, па се до последниот, до сега неизложен и необјавен.

 

Акварелот како сликарска дисциплина која заради специфичностите на оваа техника – брза и сигурна рака и концепт, неможност за корекции итн., бара неверојатно уметничко познавање. Теофил Шулајковски – Тофе без двоумење се вбројува во рангот на најзначајните македонски акварелисти.  

Во историјата на македонската ликовна сцена Тофе Шулајковски се издвојува и е забележан како автор на препознатливи дела со предзнакот акварел. Најраниот период, околу 1957 година го означуваат реалистични акварели со пејзажи на паркови (Скопскиот парк), архитектура (Маркови кули, Самоилова тврдина, Скопското кале), селска архитектура, цркви, па дури и речиси апстрактни пејзажи, со бои и тоналитет близок на македонското поднебје.

 

Следи периодот кој соодветствува со анформелниот период на 60-те години, кога создава дела со апстрактен предзнак, а во кои се насетува неговата лирска насоченост со заситени земјени тонови. Индивидуалниот и подоцна препознатлив и определен израз на пејзажист го оформува во следниот циклус од 70-те години, кој е инспириран од воздухот и водата. Формирајќи различни планови на сликата, авторот е одушевен од природата, односно од односите вода и воздух во сета нивна корелација и динамичност. Во овие природни релации тој се потврдува како еден од ретките мајстори кои сликаат на отворено и со невидена аналитичност ги следат движењата на природата, промените на небото, брановите на реката и езерата (Радика, Дебарско и Охридско езеро), струењето на воздухот, структурата на карпите…, најпрво со брзи и прецизни ритмични потези со сува четка, а потоа и со ослободеност кон лириката на создавањето на лазурни прикази и восхитеност од флуидот на водената површина.

 

Односот кон просторот некако природно се наметнува во 80-те години каде е нагласена флуидноста на просторот во парковите, пошироките пространства (некаде со форми на стара архитектура, многу ретко човечка фигура) и мочуриштата со трски (чии дури филигрански линии се карактеристично минуциозно присутни преку одвоени енергични потези). Од друга страна, пак, овие предели се претопуваат стануваат дури и апстрактно експресивни и контрастни, па дури и наговестуваат специфична надреална атмосфера.

 

 

Од 1990 година започнува големиот циклус „Воскресение“ каде започнува специфична приказна на остварувања во кои се соочуваме со изразена тарнеровска драматика во судирот на светло-темните колористички пејзажи, се појавуваат комплексни композиции со мноштво фигури и архитектонски инспирирани од сакрални теми (ликови кои асоцираат на фрески и архитектура која асоцира на цркви). 

 

Таложењето на сето знаење за акварелот како определба, сите знаења од уметноста, историјата и историјата на уметноста, сите спомени, лични и цивилизациски, митови, легенди… се сублимирани како завршница на едно творештво во делата од последниот, досега непретставен циклус „Пештерски записи“, во кој доминираат заситени бои и мноштво асоцијативни фигури, изработени комбинирана техника (како основа на акварелот користи дрвофикс на хартија, со што ги поставува основите на композицијата). Истовремено, сликите можат да се исчитуваат како однос на слоевите и колористичките фрагменти на самите детали, и нивната корелација со динамично валерски третираната рамнина.

 

 

Теофил Шулајковски – Тофе се издвојува како еден од ретките автори кои, следени во еден непрекинат континуитет, во текот на целиот свој творечки и животен век, и остануваат верни на единствената нивна ликовна определба. Во „случајот“ на Тофе Шулајковски животната определба е акварелот, сликарска техника која е негов првичен избор на кој му останува доследен и постојано се труди да го надгради и преобрази не само преку безбројни различни истражувања на материјалот (преку користење на различна хартија и бои), туку и преку тематските афинитети. Неговото творештвосо право зазема видно место, а критиките на сите историчари на уметност и критичари кои го следеле сликарскиот пат на Теофил Шулајковски – Тофе во текот на неговите активни претставувања, го дефинираат неговото творештво како особено значајно во антологијата на современото македонско сликарство, конкретно акварелот.

Теофил Шулајковски – Тофесо своето творештво постојано внесувалични иновации, како предизвик кој си поставил цел самиот пред себе треба да го надмине. Во таа смисла треба да се почитуваи вреднува неговиот придонес во македонската уметност преку следењето на една сопствена ликовна патека која помина низ повеќе препознатливи стилски насоки, од кои тој го одбра оној сензибилитет што најсоодветно можеше да го транскрибира со сопствениот визуелен дискурс со доминантно лирско чувство, во кои преовладува една спокојна и меланхолична атмосфера.

 

 

Значењето на Теофил Шулајковски за македонската историја на уметност го согледуваме во неговата немирна истражувачка природа и желбата за внесување новитети во акварелот, со што придонесува кон оживувањето и подигањето на оваа ликовна дисциплина на современо рамниште. Неговото карактеристично творештво се издвојува со повеќеслојноста во експериментирањата и истражувањата на ликовните (па и техничките) можности на акварелот, со специфичен индивидуален авторски ракопис кој се согледува во начинот на дисциплинирано и хармонично градење на композицијата од мноштво елементи, преку своевидно „ткаење“ на површината на сликата, со што го подига акварелот на сосема ново рамниште во ликовната уметност кај нас.

Сподели: