Отворени денови на активисти и здруженија во ЈП Лајка

Сподели

 

 

ЈП Лајка од овој месец почнува со редовни состаноци со здруженијата за заштита на животните кои ќе се одржуваат два пати во месецот, а со цел со заеднички напори да ја постигнеме нашата заедничка цел – што поголем број стерилизирани бездомни кучиња и намалување на нивниот број на улиците, лоцирање на клучните проблеми во процесот на справување со бројот на уличните кучиња, вдомување, размена на искуства и помош при чистење, бањање и чешлање на кучињата од одделот за вдомување.

Сметаме дека само со заеднички напори можат да се решат проблемите кои сите не засегаат, а кои ќе бидат за доброто на бездомната популација на кучиња, велат од ЈП Лајка.

Преку заеднички состаноци и средби со здруженијата, сметаме дека ќе се намалат и нивните трошоци и трошоците на граѓаните, а сето тоа ќе води кон долготрајна соработка, преку која краен бенефит ќе имаат и жителите на Град Скопје, здруженијата и се разбира уличните животни.

Првиот состанок ќе биде одржан на 7 мај, петок во 17:30 часот. Вториот состанок е предвиден на 22 мај, сабота во 11:00 часот.

Термините можат да бидат променети на барање на здруженијата за заштита на животните.

Доколку има активисти кои не се членови на здружение, а сакаат да го дадат својот придонес, можат да не контактираат.

Ова е четврта официјална покана до здруженијата за заштита на животните.

Поканата е отворена за сите здруженија и активисти кои ќе го потврдат присуството на e-mail адресата info@lajka.com.mk