Отворениот Кабинет на министерот Спасовски стартува на 5 јуни во Штип

Сподели

 

ОТВОРЕН КАБИНЕТ е новиот проект на Министерството за внатрешни работи, во рамки на утврдениот концепт „МВР за ГРАЃАНИТЕ“, кој ќе започне со реализација на 5 јуни, а со неделна динамика ќе трае во наредните два месеца.

Ако имате прашање за министерот, идеја која сметате дека ќе ја подобри безбедноста, предлог за подобрување на севкупното работење на полицијата – а притоа досега не сте имале можност да ја презентирате во неговиот Кабинет во Министерството за внатрешни работи, Кабинетот на министерот Спасовски на еден ден ќе дојде кај вас – во Секторот за внатрешни работи кој го покрива подрачјето каде што живеете.  

Значи, наместо во Скопје, еден ден ќе биде во Штип, друг во Куманово, па Струмица или Охрид, Битола или некој друг град, затоа што непосредната комуникација со граѓаните е неопходна за секое прашање, предлог или проблем, а безбедноста е врвен заеднички приоритет.

Секој вторник ќе имате известување каде ќе се сели Кабинетот  идната недела, а ваше е, на телефонскиот број 072 33 31 85 или на електронската адреса MVRJAVNOST@moi.gov.mk, да закажете термин за средба со министерот Спасовски, за потребите кои ги имате.

Отворениот кабинет на министерот Спасовски стартува на 5 јуни, во 09.00 часот, во просториите на СВР Штип. Ги очекуваме граѓаните од ова подрачје во текот на оваа недела, телефонски или електронски, да си закажат термин за средба со министерот, а неговиот тим ќе ве пречека и ќе ви овозможи и вашето мислење да добие на значење, да бидете дел од процесот на креирање политики во врска со безбедноста која нѐ засега сите нас.

Да покажеме заеднички дека помина времето кога МВР беше затворена институција. Да докажеме уште еднаш дека полицијата е во служба на граѓаните и мислењето на секој граѓанин вреди.