Папата Франциск, во посета на државата на 7 мај, ќе пристигне со делегација од 30 свештени лица и 65 новинари кои постојано го следат при неговите официјални посети.
Посетата ќе биде поделена во два дела, односно на државнички и религиозен карактер. Откако утрото на 7 мај ќе слета на аеродромот, Светиот Отец ќе се упати во претседателската резиденција на Водно, каде што ќе биде пречекан од страна на премиерот Зоран Заев и претседателот Ѓорге Иванов. Папата Франциск ќе има одвоени кратки средби со Иванов и со неговото семејство како и со Заев и со неговото семејство.
Во претседателската резиденција на Водно, ќе има и претставници од јавниот, политичкиот живот и дипломатскиот кор пред кои Папата ќе има обраќање.
Официјалниот дел ќе заврши со средба со претставници на верските заедници и група сиромашни лица.
Од Водно, Папата Франциск ќе се упати во спомен-куќата на Маја Тереза, од каде што потоа ќе оди кон плоштадот каде што треба да одржи миса. Папата Франциск, доколку дозволат временските услови, од улица Македонија до плоштадот ќе се движи со специјалното возило од кое ги поздравува верниците – „папамобил“.
На главната миса на плоштадот се очекуваат 15.000 верници, сите ќе поминат низ строги безбедносни мерки и мора да имаат пропусници кои треба да ги обезбедат на сајтот papa.mk.
По завршувањето на мисата на плоштадот, Папата ќе има време за одмор и ручек во католичката бискупија на Водно. Потоа ќе замине на верска церемонија во католичката црква.
Посетата на Папата ќе заврши во 18.30 часот од каде што продолжува неговата мини-балканска турнеја.
Има огромен медиумски и граѓански интерeс за овој важен државен. До сега се акредитирани околу 190 странски и 200 домашни медиуми.