Римскиот папа Франциск одби да изнесе личен став за доаѓањето на Доналд Трамп на претседателското место со објаснување дека тој е заинтересиран само за влијанието на политичките одлуки врз сиромашната популација, јавува „Ројтерс“.
„Не расудувам карактери на личности и на политичари. Само сакам да знам какви страданија предизвикуваат нивните однесувања врз сиромашните и врз запоставените“, одговори папата Франциск на поставеното прашање од италијанскиот весник „Ла Република“ во врска со неговото мислење за победата на магнатот за недвижности на американските избори.
Папата со аргентинско потекло посочи дека неговата најголема загриженост во овој момент се бегалците и мигрантите и притоа додаде дека мора да се урнат ѕидовите што разделуваат. Во февруари годинава, за време на посетата на Мексико, папата изјави дека личноста што размислува само за градење ѕидови, а не за градење мостови, не е христијанин.