Паркинг услугите на ЈП ПОЦ достапни и за корисниците на операторот МТЕЛ

Сподели

Општина Центар ги известува корисниците на мобилниот оператор МТЕЛ дека паркинг услугите на општинското претпријатие ЈП „Паркинзи на Општина Центар“ за брзо време ќе бидат достапни и за нив. Директорот на ЈП ПОЦ Душко Коцевски минатата недела потпиша договор со Марко Лопичиќ, директор на телекомуникациската компанија МТЕЛ преку кој ќе се овозможи наплата на паркинг услугите со СМС пораки на бројот 141414. Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски вели дека овој договор е показател за посветеноста на двете компании кон современи услуги за граѓаните.

„Договорот со кој ЈП ПОЦ го воведува мобилниот оператор МТЕЛ за наплата на паркинг со СМС ќе овозможи поголема флексибилност и ефикасност за корисниците на паркинг услугите на ЈП ПОЦ. Тоа исто така значи и воспоставување на долгорочно партнерство со компанијата. ЈП ПОЦ ја прави достапна оваа услуга за сите граѓани со цел да ги задоволи потребите на сите граѓани“, смета Герасимовски.

ЈП Паркинзи на Општина Центар во 2022 година ја прошири дејноста на претпријатието во комунална со тоа што ги префрли хигиеничарите со цел да ја подобри сликата со хигиената на јавниот простор. Неодамна Општина Центар извести и ги повика граѓаните да ја користат услугата која ја дава општинското претпријатие ЈП ПОЦ, а се однесува на косење на трева, реконструкција и санација на урбана опрема или собирање смет на Јавните површини под надлежност на Општина Центар на телефонскиот број 076350767.